Американскиот претседател Џозеф Бајден му вети на Израел дека никогаш нема да дозволи Иран да се вооружи со нуклеарно оружје, во време кога Техеран бара посилни гаранции од Вашингтон за оживување на нуклеарниот договор со големите сили.

Како што пренесе Бета, во телефонски разговор за преговорите за нуклеарниот договор, Бајден и израелскиот премиер Јаир Лапид ја истакнале нивната заемна решеност да го спречат Иран да развива нуклеарно оружје.

Лапид и Бајден разговарале и за заканите што ги претставува Иран, се вели во соопштение на Белата куќа.

Израел се противи на враќањето на договорот од 2015 година, со кој беа воведени ограничувања на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите на САД, ЕУ и ОН.

Израелските власти го поздравија повлекувањето на тогашниот американски претседател Доналд Трамп од договорот во 2018 година и воведувањето строги санкции, што го натера Техеран да ги прекрши ограничувањата предвидени во документот.

Бајден вети дека ќе го оживее договорот и во исто време ќе осигури безбедност на Израел, најголемиот регионален непријател на Иран.

Во март, обновувањето на нуклеарниот договор се чинеше блиску, но индиректните разговори меѓу Техеран и Вашингтон беа прекинати поради несогласувањата за неколку прашања, вклучително и инсистирањето на Иран Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да престане со истрагата за траги од ураниум на три непријавени локации.

Во јули, Бајден и Лапид потпишаа заедничка обврска да не му дозволат на Иран да развие нуклеарно оружје, што е знак на единство меѓу сојузниците кои долго беа поделени околу дипломатијата кон Техеран. Лапид минатата недела порача дека договорот нема да го обврзува Израел доколку биде обновен.

По 16 месеци индиректни преговори, министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, на 8 август рече дека ЕУ дала последна понуда за надминување на ќор-сокакот и заживување на договорот.

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан рече дека Техеран внимателно го разгледува одговорот на Вашингтон на тестот што му беше даден на Техеран минатата недела, дека му се потребни посилни гаранции и оти МААЕ треба да се откаже од „политички мотивирани истраги“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.