Референдум за Доналд Трамп и неговите „екстремистички“ идеи, а не гласање за Џо Бајден и неговите маани: вака американскиот претседател би сакал неговите сонародници да пристапат на парламентарните избори на половина од неговиот мандат што ќе се одржат во ноември, пишува агенцијата Франс прес.

Седумдесет и деветгодишниот претседател демократ, кој сè уште не е многу популарен кај Американците и покрај растот на неговиот личен рејтинг во анкетите, често пати кажува:

„Не ме споредувајте со семоќниот Бог, споредете ме со алтернативата“.

Тоа е начинот, наведува францускиот медиум, на кој тој сака да каже дека неговите недостатоци не се ништо во споредба со опасностите поврзани со спротивниот табор.

А спротивниот табор е оној на неговиот претходник Доналд Трамп и неговите најверни поддржувачи, кои Џо Бајден ги нападна во четвртокот вечерта со ретка острина.

Во предизборниот говор во Филаделфија Бајден кажа:

„Доналд Трамп и МАГА- републиканците („Направи ја Америка повторно голема“) претставуваат екстремизам што ги загрозува самите темели на нашата република“.

Претставниците на радикалната десница „се хранат со хаос. Тие не живеат во светлината на вистината, туку во сенката на лагите“.

Меѓутоа, претседателот во петокот увери дека не ги напаѓа сите гласачи на Доналд Трамп.

-Не го гледам секој поддржувач на Трамп како закана за демократијата, рече тој пред група новинари во Белата куќа и нагласи дека оние кои гласаат за Трамп не гласаат во исто време и за Капитол и за откажување на изборите.

„Њујорк Тајмс“ вчера напиша:

„Ако ги прашате Американците дали го поддржуваат Бајден, тие веројатно ќе речат „не“. Ако ги прашате дали го поддржуваат против Трамп, тие можат само да кажат „да“.Тоа е теоријата на Белата куќа“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.