Aмериканскиот претседател Џо Бајден, во воденото обраќање на заседанието на Северноатлантскиот совет во рамки на Самитот на Алијансата во Вашингтон, порача дека земјите членки на НАТО мора да ги зголемат своите производни капацитети во одбранбената индустрија за да бидат во чекор со руското производство на оружје и муниција.

Русија значително го зголемува производството на оружје, муниција и возила со помош на Кина, Cеверна Кореја и Иран, не можеме да дозволиме Алијансата да заостане, рече Бајден.

Тој изрази задоволство што членките на НАТО работат на проширување на нивната индустриска база и капацитети и што се посветени на зголемување на трошоците за одбраната, што тој го оцени како „критичен чекор за одржување на безбедноста“.

Ќе бидеме во можност побрзо да произведеме повеќе критична одбранбена опрема. И можеби ќе ни треба, рече Бајден, додавајќи новото ветување за зголемување на одбранбеното производство претставува порака до светот дека „секоја членка на НАТО е посветена да го исполни својот дел за да ја одржи Алијансата силна“.

Бајден истакна дека НАТО ќе стане „поиновативен и поконкурентен“ ако членките развијат планови за домашно одбранбено производство, потенцирајќи дека неговата Администрација инвестирала 30 милијарди долари во одбранбеното производство во 35 американски сојузни држави.

Според него, лидерите на НАТО ќе се погрижат Алијансата секогаш да биде подготвена „за какви било закани со кои ќе се соочи“.

Нема да бидеме надминати. Не може никој да не надмине кога е во прашање нашата подготвеност, додаде Бајден.

Тој оцени и дека во изминатите 75 години, земјите членки растеле и напредувале под заштитата на НАТО.

Денес сме посилни од кога и да сме биле досега, истакна Бајден, посочувајќи дека од неговото преземање на претседателската функција пред неполни четири години НАТО двојно го зголеми бројот на борбени групи на своето источно крило, а Финска и Шведска и се приклучија на Алијансата.

Бајден посочи и дека последнава година бројот на членки на НАТО кои ја исполнија обврската за издвојување на средства за потребите за одбраната во висина од најмалку два отсто од нивниот БДП се зголеми од девет на 23.

Тоа не е случајност, туку избор, додаде Бајден, заблагодарувајќи им се на земјите членки на НАТО за нивната посветеност на заедничката безбедност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.