Американскиот претседател Џо Бајден смета дека рускиот претседател Владимир Путин погрешно ја проценил неговата војна против Украина.
-Мислам дека [Путин] е рационален играч кој погрешно пресметал, изјави Бајден во интервјуто дадено за телевизијата „Си-Ен-Ен“.
Тој смета дека иако верува дека Путин постапува рационално, неговите цели во Украина „не биле рационални.”
-Ако го преслушате говорот што тој го одржа откако беше донесена таа одлука [да ја нападне Украина], тој зборуваше за целата идеја – тој да биде рускиот лидер кој ќе ги обедини сите што зборуваат руски. Сметам дека тоа е нерационално, изјави Бајден.
„Сметам дека неговите цели не беа рационални… Мислам дека сметаше оти ќе биде пречекан со раширени раце, дека Киев е срцето на Мајка Русија, дека деќе биде пречекан со добредојде, односно мислам дека целосно погреши во проценките“, рече американскиот претседател.
Бајден сега за Си-Ен-Ен изјави дека заканите што доаѓаат од Русија може да резултираат со катастрофални „грешки“ и „погрешни пресметки“, но тој не објасни како САД ќе одговорат доколку Путин започне со нуклеарни подготовки на украинското бојно поле.
Дополнително, американскиот претседател рече дека Саудиска Арабија ќе ги сноси последиците откако најави намалување на производството на нафта во партнерство со Русија, што може да предизвика зголемување на цената на гасот.
„Путин извршил воени злосторства. Кој знае што би се случило доколку употреби нуклеарно оружје“
Бајден беше прашан дали ќе се сретне со Путин на самитот на Г-20 во Индонезија, кој ќе се одржи следниот месец. „Зависи за што сака да разговара. Ако сака да зборува за затворената американска кошаркарка Бритни Гринер, јас ќе бидам отворен за разговор“, рече Бајден.
„Но, погледнете, Путин се однесуваше брутално. Мислам дека изврши воени злосторства. Затоа, не гледам причина сега да се сретнам со него“, додаде Бајден, кој сепак не верува дека Путин е подготвен да користи нуклеарно оружје. „Не мислам така“, рече тој. „Неодговорно е лидерот на една од најголемите нуклеарни сили во светот да вели дека може да користи нуклеарно оружје во Украина“, смета Бајден.
„Мислам, тоа би довело до ужасен исход. И не затоа што некој ќе го претвори во светска војна или нешто слично, туку штом ќе употребите нуклеарно оружје, грешките што може да се направат, погрешните пресметки… Кој знае се случи она што ќе се случи“, рече Бајден.
Што ако Путин употреби нуклеарно оружје?
„Путин навистина не може неказнето да зборува за користење нуклеарно оружје како да е тоа нормална работа. Се прават грешки. И може да се случи погрешна пресметка. Никој не може да биде сигурен што ќе се случи и може да заврши со Армагедон“, рече Бајден, одбивајќи да одговори како би изгледал американскиот одговор доколку Путин продолжи со нуклеарните закани.
„Која е црвената линија за Соединетите Американски Држави и НАТО и дали сте му дале наредба на Пентагон и другите агенции да размислат каков ќе биде одговорот доколку Путин навистина употреби тактичко нуклеарно оружје или ако ја бомбардира нуклеарната централа Запорожје во Украина или нешто слично? Кои се црвените линии?” Го праша новинарот на Си-Ен-Ен, Џејк Тапер.
„Разговаравме, но нема да навлегувам во тоа. Би било неодговорно од моја страна да кажам што би направиле или не“, одговори американскиот претседател.
Дали Русија ја менува тактиката со воздушни напади?
Неколку часа пред интервјуто за Си-Ен-Ен, Бајден беше на виртуелен состанок со земјите од Г7, од кои украинскиот претседател Володимир Зеленски побара да ги зајакнат противвоздушната одбрана поради новите руски бомбардирања.
Зеленски на состанокот рече дека „заедничките напори за создавање воздушен штит за Украина“ мора да се засилат поради нападите на руските крстаречки ракети и беспилотни летала. Белата куќа, од друга страна, соопшти дека САД се подготвуваат да ја зајакнат воздушната одбрана на Украина, вклучувајќи ги и антиракетните одбранбени системи што Бајден наскоро ќе ги испорача.
Си-Ен-Ен пишува дека интензивните руски воздушни напади врз Киев и цивилната инфраструктура би можеле да бидат знак за промена на тактиката за тероризирање на Украинците во текот на зимата.
Бајден рече дека е време да се преиспитаат односите меѓу САД и Саудиска Арабија, откако таа се здружи со Русија за да го намали производството на нафта. САД се обидоа да спречат таква одлука, истакнува Си-Ен-Ен. „Ќе има последици за она што Саудиска Арабија го направи со Русија“, нагласи Бајден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.