Коментарите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, дека проектилот што падна на Полска не бил украински, не се доказ, смета американскиот претседател Џо Бајден.
„Тоа не е доказ“, изјави Бајден пред новинарите во Белата куќа, откако се врати од самитот Г20 на Бали, Индонезија.
Пред два дена, на 15 ноември проектил падна во село во Источна Полска, близу границата со Украина. Во инцидентот загинаа две лица, а за тоа Зеленски ја обвини Русија и повика Западот да „преземе нешто во врска со тоа“.
Но, полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека станува збор за проектил од украинскиот систем на противвоздушна одбрана. Според информациите, Полска знаела дека ќе падне проектил на нивна територија, но полската војска не можела да направи нешто за да го спречи тоа.
САД веруваат во процената на Варшава.
Претходно, руското Министерство за надворешни работи како провокација ги осуди изјавите на Киев за инцидентот, а Министерството за одбрана соопшти дека станува збор за проектил од украинскиот ракетен систем С-300.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.