Австрискиот парламент денеска треба да гласа за воведување задолжителна вакцинација против Ковид-19, која треба да стапи на сила на почетокот на февруари.

Како што пренесуваат австриските медиуми, за предлогот се очекува јасно мнозинство, бидејќи покрај владејачката партија од Австриската народна партија и Зелените, „за“ најверојатно ќе гласаат и многу пратеници меѓу опозициските социјалдемократи и либерали.

Екстремно десничарската Партија на слободата (ФПО), од друга страна, жестоко се спротивставува и го критикува планот.

Задолжителната вакцинација би важела за сите граѓани над 18 години. Исклучоци се планирани за трудниците и сите оние кои не треба да се вакцинираат од здравствени причини.

Бундесратот, Горниот дом на австрискиот Парламент што ги претставува сојузните држави, се очекува да го поддржи законот на 3 февруари.

Новиот закон е предмет на жестока јавна расправа. Десетици илјади луѓе редовно демонстрираат против Ковид мерките наметнати од Владата и против идејата за задолжителна вакцинација.
Во моментов, околу 75 отсто од луѓето во Австрија примиле две дози од вакцината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.