Граѓаните да размислат да ја напуштат државата за да ја намалат побарувачката на струја во земјава. Ова го изјави шефот на најголемата украинска приватна енергетска компанија „ДТЕК“, Максим Тимченко.

„Ако граѓаните можат да најдат алтернативно место за престој уште три или четири месеци, тоа може да биде од голема помош за системот“, изјави Тимченко за Би-Би-Си.

Руските напади оштетија речиси половина од енергетскиот систем на Украина, а милиони луѓе се без струја.

„Оштетениот енергетски систем сè уште не е во состојба да произведе доволно електрична енергија за да ги задоволи моменталните потреби, така што секој начин да се намали потрошувачката, вклучително и напуштање на земјата, треба да се гледа како помош на Украина да победи во војната против Русија“, објасни Тимченко.

Тој додава дека енергетскиот систем станува помалку сигурен со секој руски напад, а намалувањето на потрошувачката на електрична енергија е клучот за негово одржување.

„Ако потрошите помалку, тогаш болниците што се грижат за повредените војници ќе имаат загарантирано снабдување со електрична енергија. Кога гледаме на тоа така, со трошење помалку струја или заминување, граѓаните придонесуваат за другите луѓе“, изјави Тимченко за британскиот јавен сервис.

Нападите на Русија врз украинската инфраструктура се интензивираа по украинската контраофанзива во областа Харков и повторното влегување во Херсон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.