Кинеската војска ги осуди дејствијата на САД, чиј воен брод пловел низ Тајванскиот Мореуз и порача дека таквите мисии намерно им штетат на мирот и стабилноста.
Американската морнарица соопшти дека разурнувачот „Сампсон“ во вторникот извршил „рутински премин низ Тајванското Море, во согласност со меѓународното право“, пренесува „Ројтерс“.
САД спроведуваат вакви пловидби околу еднаш месечно, што предизвикува незадоволство во Кина, која смета дека овие потези се знак на поддршка за Тајван, остров кој Пекинг го смета за кинеска територија, наведува британската агенција.
Источната команда на Народноослободителната армија на Кина соопшти дека нејзините сили го набљудувале и предупредиле американскиот брод.
САД често спроведуваат такви провокативни акции, испраќајќи погрешни сигнали до тајванските сили за независност, намерно поткопувајќи го мирот и стабилноста во Тајванското Море. Ние силно се спротивставуваме на тоа – се вели во соопштението на кинеската војска.
Министерството за одбрана во Тајпеј соопшти дека американскиот брод пловел на север низ мореузот и дека состојбата на тој воден пат е нормална.
Портпаролот на Седмата флота на САД, Николас Линго, во соопштение изјави дека американската армија лета, плови и дејствува секаде каде што дозволува меѓународното право.
САД немаат формални дипломатски односи со Тајван, но се неговиот најважен меѓународен спонзор и снабдувач на оружје, што е постојан извор на тензии меѓу Пекинг и Вашингтон, наведува „Ројтерс“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.