Амбасадорот на Украина во Албанија, Володимир Шкуров, потврдил дека украинските војници биле обучувани во Албанија.

Гостувајќи во емисијата „Оваа недела“ на Њуз24, тој не дал многу детали, но изјавил дека оваа информација е многу точна, нагласувајќи дека во Украина тоа високо се цени.

На оваа тема, додал тој, се разговарало и при посетата на претседателот Зеленски на Албанија.

-Имате многу точни информации. Не можам да зборувам во детали за ова, но можам да кажам дека е точно, да точно е, а оценката за ова во Украина е многу висока, е неговиот одговор на прашањето дали е точно дека украински војници се обучувале во Албанија.

Амбасадорот ги споделил и впечатоците на делегацијата од Киев на самитот во Тирана Украина-Југоисточна Европа на 28 минатиот месец.

-Заедничката изјава на самитот ја покажува поддршка за Украина и фактот дека земјите од регионот ја разбираат ситуацијата со која се соочува Украина. Претседавањето на Албанија со Советот за безбедност на Обединетите нации беше многу успешно, ако зборуваме за контекстот во кој сега се наоѓа Украина, рекол Шкуров.

Според него, на овој начин, Албанија го „покажала своето партнерство и поддршка кон Украина и кон луѓето кои се спротивставуваат на руската агресија“ и оти во овој период Албанија е „коавтор на повеќето резолуции поврзани со Украина“.

Зборувал и за можноста за признавање на независноста на Косово од страна на неговата земја.

-Киев ја признава помошта што Косово и ја дава на Украина. Ништо не е невозможно а признавањето на независноста на Косово е прашање на време, рекол тој.

Сепак, нагласил, дека главниот фокус на Украина останува „излегувањето од огнот на војната“ со Русија, додавајќи дека признавањето на Косово има политички карактер и дека „треба да се пресметаат и некои елементи кои можеби не се гледаат на секојдневната линија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.