Нема да ме изненади и за очекување ми е дека во наредниот период ДУИ би била сигурно дел од Владата, вели координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа (РСЕ), оценувајќи оти опозициската партија „неретко ѝ помага на ВМРО-ДПМНЕ“.

Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е поставена на едни многу добри односи и мене нема да ме изненади и за очекување ми е дека во наредниот период ДУИ би била сигурно дел од Владата, изјави Спасовски во интервјуто за РСЕ.

Овој став го темели на поддршката што ДУИ ја даде за усвојување на неколку закони предложени од ВМРО-ДПМНЕ, за чие носење беше потребно двотретинско мнозинство, кое се обезбеди со гласовите на интегративците.

Премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ по завршување на изборите и формирањето на Владата велеа дека ДУИ е минато во македонската политика и за ништо не се прашува и одлучува. Еден дел од македонските граѓани дадоа поддршка за ВМРО-ДПМНЕ токму поради ваквиот пристап кон ДУИ, дека тоа е партија која е целосно дефакторизирана. А ние во суштина имаме формирање влада, дури и пред да се формира. Веднаш имавме прва успешна средба и соработка или преговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои се одвиваа во законодавниот дом, а се однесуваа за поддршка на Законот за организација на органите на државната управа, додава пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ.

Спасовски го споменува и гласањето на измените на Законот за локална самоуправа, за кои, исто така, беше потребен двотретински број гласови во Собранието. За измените гласаа дел од пратениците од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.