Пронајдена е облека и други предмети кои се доведуваат во врска со кривичното дело, имаме неспорни докази. Лицето е приведено во полициска станица и очекуваме да биде изведено пред судија на претходна постапка.
Ова денеска го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за приведувањето на македонскиот пејач Ламбе Алабаковски, кој е осомничен дека подметнал пожар на влезот во бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“.
Министерството за внатрешни работи бара одредување на мерка притвор затоа што се исполнети условите во однос на ваквото барање. Сепак, да ја почекаме одлуката на судот, вели Спасовски.
Министерот не сакаше на новинарите да им потврди дали се работи за Ламбе Алабаковски, како што претходно изјавуваа извори од полицијата, туку рече дека би одел од иницијали, односно дека лицето е 34 годишниот Л.А. кој живее во Битола.
Истакна дека за настанот се преземале многу активности и службени разговори, многу материјали од видео надзор не само од објектот и дека сите овие информации довеле до, како што рече, сторителот на ова дело.
МВР во Битола имаше опсежни активност, се преземаа многу криминалистички активности во овој дел, беа извршени многу службени разговори. Се прегледаа многу материјал од материјал од видео надзорот не само од објектот туку на повеќе објекти и на основа на сите податоци и информации дојдовме до сторителот на ова кривично дело, рече Спасовски во изјавата пред полициската станица во Охрид.
Тој додаде дека брзото расчистување на овој случај е важно за граѓаните и показател дека институциите функционираат. Иако постојат повици да се ослободи уапсениот потпалувач, Спасовски нагласи дека и за тоа постојат одредби во Кривичниот законик.
Нема кривично дело кое може да биде дозволено или може да биде оправдано од било кој аспект. Дури и да има некакво опоравдување за тоа постојат норми во Кривичниот законик. Важно е дека институциите функционираат и тоа е важно за граѓаните зошто ако сакаме да имаме правда мора да имаме функционални институции, да работат и на основа на сето она ќе го дознаат, документираат и ќе биде фактички утврдено, да бидат поднесени соодветните кривични пријави, дециден е Спасовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.