Наскоро треба да се реши проблемот со паркирање на одредени локации во општина Карпош, особено во населбата Карпош 1, каде жителите не можат да најдат слободно паркинг место поради возилата кои ги паркираат граѓаните кои работат или одат на гости во соседната општина Центар. Ќе се воведува зонско паркирање.

Јавното претпријатие „Градски паркинг” ќе биде одговорно за јавните паркиралишта и јавните површини кои ќе бидат наменети за зонско паркирање во општината, односно ќе функционира како организатор на сообраќајот во мирување. Ова е одлучено на денешната седница на Советот на Карпош, со мнозинство гласови на советниците.

„Градски паркинг“ треба да преземе активности за организација на сообраќајот во мирување, вклучувајќи ги тука обележувањето, одржувањето и користењето, како и техничките и организациските работи, наплатата и надзорот над паркирањето на возилата и останатите работи на јавните паркиралишта и површини за зонско паркирање.

Во овој случај, за користење на јавните паркиралишта и јавните површини наменети за зонско паркирање, ЈП „Градски паркинг” – Скопје има обврска да плаќа комунална такса, согласно Законот на комуналните такси и Законот за Град Скопје. Оттаму, јавното претпријатие е должно да поднесува до Советот на Општина Карпош/градоначалникот на локалната самоуправа, полугодишни извештаи за преземените мерки и активности во насока на одржување и информација за тековната состојбата на јавните паркиралишта и јавни површини наменети за зонско паркирање – велат од Општина Карпош.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.