Со свечена церемонија, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски заедно со семејството на загинатиот бранител во битката против тероризмот во Куманово, Љубиша Аранѓеловиќ, денеска ја открија неговата спомен-плоча.

Чест на загинатиот припадник на ЕБР му оддадоа и колегите од Синдикатот на полициските службеници, кои положија свежо цвеќе и се поклонија пред спомен плочата. На настанот присуствуваа и повеќе граѓани, пријатели на загинатиот Аранѓеловиќ, како и градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски.

Со неизмерна почит кон Љубиша Аранѓеловиќ, големиот херој кој загина бранејќи ја својата земја од терористите кои извршија напад во Диво Насеље, денес го откриваме неговиот споменик. Жртвата која тој ја даде бранејќи ја нашата безбедност, храброста која ја покажа бранејќи својата татковина се нешто што засекогаш ќе го паметиме. Оваа биста е симбол на нашата благодарност и почит кон неговото дело, но и историски потсетник за премрежијата низ кои минува Република Македонија. Да го споменуваме секогаш, да го продолжиме неговиот дух и да продолжиме да ги негуваме вредностите во кои тој веруваше и за кои ја плати највисоката цена. Слава му!, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски кој потоа, заедно со делегација од Општина Кисела Вода се поклони пред споменикот и постави свежо цвеќе.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.