Утре, 2 април ќе се одржи еднодневен спортски настан – трка во планинско трчање Водно-Матка Треилс. Настанот всушност е составен од три трки – Водно – Матка што е со должина од 40 километри, Водно Треил со должина од 27 километри и Водно ИзиРан – трка долга 10 километри. Трките се одвиваат во околината на Скопје – на падините на планината Водно и во кањонот Матка, област која изобилува со природни реткости и културни споменици од минатото.

Водно-Матка Треилс во организација на Здружението за планинско трчање „ТРЕКС“ од Скопје се организира пета година по ред, а годинава покровител на настанот е Град Скопје, а генерален спонзор Халкбанк АД Скопје.

Водно – Матка Треил Маратонот е планинска трка која води низ најубавите шумски појаси на планината Водно и кањонот Матка. Оваа трка која е со висинска разлика од 2700 метри и води угоре-удолу се’ до Кањонот Матка и назад и е препорачана за искусни ултра-тркачи, со солидна физичка и ментална кондиција потребна за да го завршат овој тежок треил предизвик.

Водно Треил е средната, средно-лесна планинска трка, со 1,360 метри висинска разлика, препорачана за тркачите кои се во добра физичка кондиција.

Најкусата трка е Водно ИзиРан која е идеална за рекреативци кои сакаат да ги направат првите чекори во планинското трчање како и за семејствата и пријателите на оние тркачи кои ќе трчаат на подолгите дистанци. За разлика од претходните две трки кои се отворени само за лица над 18 години, оваа трка е отворена е и за јуниори од 13+ години. Трката e со 630 метри искачување и води до Врв Водно и назад до Средно Водно, кое е почетна и крајна точка за сите три трки.

Во годинешниот Водно-Матка Треилс учество ќе земат над 500 тркачи, меѓу кои и учесници од други земји – Србија, Грција, Бугарија, Косово, Албанија, но и од Велика Британија, Полска, Турција, Унгарија, Германија, Холандија, Шведска, Шпанија, Словенија и други.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.