Изградба на 50 згради и три хемиски индустриски капацитети во општина Ѓорче Петров, предвидува новиот Детален урбанистички план кој е изгласан на вонредна седница во саботата, обвини градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска. Таа тврдеше дека измените се донесени без согласност на градот, а проектот го опиша како бетонски монструм. Најави кривични пријави против градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски.

На ова Стојкоски вели:

Што да очекувам на жена која на почетокот се претстави како врвен менаџер, како човек што сака да работи, како човек од теренот а се претвори во политички инструмент, на одредени политички центри на моќ. Заплива во политички води кои и се непознати. И немам намера да одговарам на нејзините желби и амбиции.

Тој објаснува зошто била свикана вонредна седница на советот во саботата:

Вонредна седница може да се свика во случај на елементарна непогода или во случај кога е доведена во прашање функционалноста на општината.Го искористивме вториот дел. Зошто? Затоа што со ова ситуација бевме погодени поголем дел од општините на ниво на Република Македонија. Законот за просторно уредување и планирање имаше рок на важност до 18 февруари, ден после седницата на совет. А ние согласноста од Министерството за транспорт и врски, не само ние, повеќе општини, ги добивме во петокот, доста доцна. Едната ја добивме во 14 часот, другата околу 18:30 часот. Во делот на досегашната работа на овие урбанистички планови, сиве овие години наназад, општината има вложено значителна сума на средства. Некаде околу 27 000 евра. Постоеше опасност, иако ги добивме согласностите, ако го пропуштиме терминот сабота, сето ова да ни пропадне во вода, да почнеме наново да ги работиме сите постапки, да изгубиме на време и дополнително да не чини 200 000 евра според пресметките согласно новите правилници кои стапуваат со новиот закон. Главната цел беше, како прво, како општина да заштедиме ресурси и како второ да донесеме еден детален урбанистички план којшто ќе донесе развој и реален простор за напредок на општината.

Новиот ДУП бил изгласан со 13 гласа ЗА и 7 гласа ВОЗДРЖАНИ и ниту еден глас ПРОТИВ. Воздржани биле советниците од СДСМ и еден советник од Левица.

Стојкоски вели дека нема ниту една нова фабрика на постојната локација, туку е постоечката која има добиено многу помала развојна површина од тоа што имало претходно и нема градба на нови капацитети од индустријата. Според него овој ДУП е целосно усогласен со ГУП.

Проблемот во градот е што не знаат да ги читаат плановите кои самите си ги носат. Наместо сабајле кога ќе станат да гледаат со кого ќе се расправаат дента, нека се фатат за сериозна работа, да седнат да си ги прочитаат ГУП и а не ги оставаат на милост и немилост граѓаните на градот Скопје – вели Стојкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.