Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, ги демантира тврдењата на градоначалничката Данела Арсовска дека ДУП-от кој во саботата беше изгласан на вонредна седница на Советот на општината, предвидува изградба на три хемиски фабрики, дека е донесен на криминален начин, како и дека истиот е без мислења од соодветни институции. Тој ѝ порача на Арсовска да почне да работи, наместо да шири паника. Своите тврдења Стојкоски ги потврди со мислење од Дирекција за заштита и спасување според кое, нема никаква опасност во однос на безбедноста на граѓаните. Со тоа ги демантираше и тврдењата дека со донесениот ДУП се загрозувала безбедноста на Скопје.

Според тврдењата на Стојкоски Арсовска не дала мислење по однос на ДУП-от, а по сила на закон се смета дека таа нема никакви забелешки. Дециден е дека ДУП-от е усогласен со ГУП-от, а во ГУП-от кој го носи Град Скопје е впишана и веќе постоечката фабрика. Три нови хемиски, вели тој, фабрики нема да има.

Настапот на актуелната градоначалничка на Скопје, Стојкоски го нарече евтин ПР.

Покажа и мислење од ЈП Водовод и Канализација од 2022 година, според кое, има позитивно мислење на понудените решенија од овој план. Министерството за животна средина има во два наврати има позитивно мислење и тоа во однос на отпадните води, со нагласок дека се запазени сите забрани и ограничувања согласно постоечката одлука за утврдување на границите на заштитените води на бунарското подрачје Нерези-Лепенец.

„Позитивни мислења имаме од МОН во однос на основното училиште, МТСП во однос на градинката, Министерството за култура кажа дека условјувањето на планот може да продолжи, Министерството за одбрана каде го истакнува исклучителното значење од што поскоро донесување на ДУП-от, Катастарот за квалитетот од тематски и тополошки аспект“, кажа Стојкоски.

Планот има поминато четири јавни анкети, каде што граѓаните можеле да дадат забелешки и предлози, каде на овие анкети не се добиени забелешки по однос на концептот и планираните намени кои се впрочен условени од ГУП на Град Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.