Градоначалникот на Гази БабаБобан Стефковски во интервју говори за она што досега е направено во општината, за плановите и новите проекти.

Што значи да се биде градоначалник на општина Гази Баба?

Позицијата градоначалник на општина Гази Баба за мене преставува најнапред чест што ми е дадена шанса на директни избори од страна на граѓаните да ја водам општината и да им служам на нив од една страна, а она што би го нарекол клучно е одговорноста, она што сум го ветил да го реализирам но и повеќе од тоа.

Поминаа скоро девет месеци од вашиот мандат што е она што ја прави Гази Баба поразлична од пред девет месеци?

Дефинитивно многу работи се поразлични од пред девет месеци и тоа граѓаните самите можат да го видат. Имаме визија која ја реализираме по план и програма. Денес за разлика од пред девет месеци Гази Баба е насочена кон својата иднина, газиме трнлив но вистински пат, пат кој ќе донесе подобро утре за сите граѓани. Ја реконструиравме училишната сала во ООУ Григор Прличев во Железара и во дворот на истото училиште изградивме спортски терен со современа тартан подлога, а дополнително и се отворија кабинети со опрема за практична работа по биологија и хемија, градиме седум спортски игралишта од кои пет со тартан подлога во Триангла, Кирил Петрушевски, Керамидница, Колонија и Гоце Делчев и две спортски игралишта со подлога од вештачка трева во Стајковци и Страчинци. Се асфалтираат локални улици како никогаш досега. За прв пат во историјата на општината од буџетот одвоивме 50.000.000 денари за ревитализација на локални улици. Асфалтиравме улици во Јурумлери, Колонија, Ергеле, Инџиково, Булачани, Ченто, Трубарево, а во следниот период акцијата ќе продолжи и во останатите населени места. Со вакви инвестиции во патната инфраструктура моите очекувања се на крајот на мандатот да нема неасфалтирана улица во општина Гази Баба. Подигаме нови и ги реконструираме постоечките паркови на целата територија. Во соработка со градот Скопје го реконструиравме паркот Склуптура во Автокоманда, а како општина во соработка со општествено одговорна компанија изградиме комплетно нов мултифункционален парк во Маџари – Триангла на површина од над 2000 метри, место кое претходно беше депонија. Денес слободно прошетајте низ општината и ќе видите дека ги нема дивите депонии кои беа на секој чекор. На почетокот на мандатот се насочивме кон чистење на дивите депонии и над 70 диви депонии ги исчистивме, а денес на нивно место градиме паркови. Дополнително се реконструираат и градат нови детски забавни катчиња. Едноставно Гази Баба од ден за ден се менува и добива лик на урбана и модерна општина.

Повеќе населени места во вашата општина немаат фекална канализација, а дел немаат ниту вода за пиење. Што е превземено за решавање на овие проблеми од ваша страна?

Решавањето на проблемите со фекалната канализација и проблемот со недостатокот на вода за пиење се на врвот на моите приоритети и за тоа говорат инвестициите кои се направени во изминатите месеци. Ја започнавме и комплетно завршивме првата фаза на фекалната канализација во Страчинци, инвестиција вредна 10.000.000 денари. Ја реализиравме втората фаза за изградба на фекалната канализација во Гоце Делчев инвестиција вредна 10.000.000 денари, а пред неколку недели ја започнавме и третата фаза инвестиција вредна 8.000.000 денари. Ја завршивме првата фаза за изградба на фекална канализација во Црешево, а исто пред неколку недели ја започнавме втората фаза на фекалната канализација инвестиција вредна 20.000.000 денари. Во населеното место Смилковци извршивме поставување на приклучоци на домаќинствата, а дополнително ќе изградиме канализација и за шест краци од улици кои биле испуштени при изградбата. Во населеното место Јурумлери работиме на поставување на приклучоци на домаќинствата, а во следниот период ќе се продолжи со поставување на канализација и на улиците каде досега не е изградена. Дополнително подготвуваме постапка за изградба на фекалната канализација во населеното место Чукур маало – Трубарево. Покрај директните инвестиции во изградба од моја страна е издаден налог за изработка на проектна документација за изградба на фекална канализација во Идризово и Ергеле бидејќи во општината не постои проект за овие две населени места. Што се однесува до проблемот со недостатокот на вода за пиење во населеното место Раштак ја поврзавме новата бушотина со бунарите и дополнително во тек е изградба на уште една бушотина која исто така ќе биде поврзана со што жителите ќе добијат дополнителни количини на вода со што верувам дека нема да дојде до недостаток на вода. За населеното место Брњарци направена е бушотина, водата е испитана и добиена е дозвола да се користи за пиење. Во моментов се работи на подготовка на планска документација со која ќе може да се поврзе бушотината до бунарите во Брњарци. Едноставно од првиот ден на мандатот се зафатив со решавање на децениските проблеми на граѓаните и верувам дека во периодот пред нас најголем дел од нив ќе ги надминеме.

Не може да се зборува за Гази Баба, а да не се спомене темата животната средина. Што во оваа област се реализираше во овие месеци од вашиот мандат?

Заштитата на животната средина дефинитивно е на врвот на моите приоритети. Уште со моето доаѓање онака како што им ветив на граѓаните донесов решение за запирање на постапката за отворање на нов хемиски отпад кој требаше да се отвори во пределот на Железара, постапка која беше започната од претходното раководство на општината. Кажав и претходно исчистивме над 70 диви депонии и засадивме повеќе од 4000 садници за само неколку месеци од мандатот. За прв пат во општината воведовме субвенционирање на граѓаните за набавка на велосипеди, електрични тротинети, за вградување на уреди за течен нафтен гас и за чистење на оџаците. Додека средствата за субвенции за инвертер клима уреди и печки на пелети двојно ги зголемивме. Во следниот период ќе работиме и на подготовка на функционален катастар на зеленило и реален катастар на загадувачи. Гази Баба мора да ја направиме еколошки чиста општина, дом за сите луѓе.

За време на кампањата ветувавте изградба на нови детски градинки. До каде е реализацијата на ова ветување?

Изградбата на нови детски градинки е повеќе од потребна и од првиот ден работиме на реализација на тие проекти. Она што не го очекував, а со жалење можам да го констатирам е дека претходното општинско раководство воопшто не работело во насока на изградба на нови детски градинки. Во општината не постои ниту еден готов проект за изградба на детска градинка, ниту пак постои урбанистичко планска документација каде што е утврдена намена за изградба на градинка. Паметат граѓаните на Сингелиќ и Инџиково како на два дена пред локалните избори во октомври 2021 година се донесоа лимени тараби и по еден багер за да се манипулираат граѓаните дека започнува изградба на градинка со цел добивање на гласови пред избори, а вистината е дека ниту во Инџиково ниту во Сингелиќ не постои ниту проект ниту соодветна парцела за изградба на детска градинка. Но манипулацијата со граѓаните повеќе не поминува, граѓаните бараат вистинска реализација на проекти. За таа цел во завршна фаза е проектот за изградба на нова детска градинка кај Мерцедес во Маџари – Керамидница и верувам дека за најскоро време истата ќе започне со изградба. За детската градинка во Трубарево во тек е изработка на урбанистички проект со кој ќе се утврди парцела со намена за изградба на детска градинка, а во истовреме дадов налог да се подготви и проект за изградба. За Сингелиќ и Инџиково исто така во тек е подготовка на урбанистички проекти со кој ќе вцртаме парцели со намена за изградба на градинки. Од ветеното не бегам, за проблемите не се жалам. Добив доверба од граѓаните за да го предводам новото време за нашата Гази Баба и тоа во овие девет месеци преставува реалност.

Често во јавноста го користите слоганот “Новото време во Гази Баба”. Што значи тоа?

Новото време во Гази Баба не е само слоган, туку тоа е еден нов концепт кој со посветена работа носи резултати. Имено овој концепт го имав замислено уште кога бев кандидат но истиот не го објавував со цел да бидам сигурен дека може да се реализира. Коцептот новото време во Гази Баба преставува начин на работа и активности кон ветените проекти, односно одговорно и посветено пристапување кон нив со цел нивна реализација. Оваа генерација на граѓани на општина Гази Баба имаат можност да бидат современици на ова ново време. Овој концепт ќе донесе реализација на проекти во сите населени места, бидејќи кога се работи чесно и домаќински во буџетот има пари за реализација на проекти. Покрај реализација на проекти овој концепт носи и еден нов лик во улогата на градоначалник на општина Гази Баба. Имено денес јас не користам службено возило, ниту пак трошам пари од буџетот за ручеци. Денес граѓаните можат да ме сретнат секаде и секогаш помеѓу нив, и на чествување на селските и црковни слави, и на состаноци со месните и урбани заедници, и во акција со вработените на ЈКП Гази Баба за санирање на штети од невреме. Едноставно новото време за Гази Баба значи дека градоначалникот мора биде обичен човек, еден од над 70.000 жители на нашата Гази Баба.

Донесовте одлука за покачување на платите на вработените во општинската администрација. Што ве потикна да донесете една ваква одлука?

Да, преку дијалог со синдикалните организации во рамки на општинската администрација донесов одлука да прифатам промена на колективниот договор со цел покачување на платите на вработените во општинската администрација за 2800 денари, а пред неколку месеци исто така предложив до Советот на општина Гази Баба да ги зголемиме и платите на вработените во Јавното комунално претпријатие Гази Баба 2007. Оваа моја одлука се должи најнапред на сериозната инфлација и зголемувањето на трошоците од една страна но и мотивираноста на вработените од друга страна. Како градоначалник ја менаџирам работата на општинската администрација и можам да кажам дека во првите месеци од мандатот гледам нивна посветеност во решавање на проблемите на граѓаните и посветеност во реализација на зацртаните проекти. Од првиот ден на моето доаѓање во општината, вработените знаат дека од нив се бара работа и само работа, ништо друго. Не исполнување на работните задачи и злоупотреба на ресурсите воопшто не толерирам. Времето кога државните ресурси се злоупотребуваа за приватни цели е завршено. Посебно ме радува кога во дворот на општината ќе ме сретнат граѓаните и со задоволство ќе ми кажат дека со едно доаѓање во општината го решиле својот проблем, нешто што во минатото не било пракса.

 Споменавте дека сте ги покачиле платите и на вработените во ЈКП Гази Баба 2007. Дали ЈКП Гази Баба денес преставува сервис на граѓаните, онака како што ветувавте?

Слободно можам да кажам дека Јавното комунално претпријатие Гази Баба денес преставува вистински сервис на граѓаните. Од почетокот на мандатот се зафативме со сериозни инвестиции во него. Се изврши набавка на шест контејнери за кабаст отпад и специјализирано возило за подигање на истите, набавивме и два тонски ваљак за тампонирање на улици и поставување на павер елементи, камион мерцедес наменет за транспортирање на урбана опрема, набавивме и машина за вршење на обележување на сообраќајна сигнализација, отворивме нова работилница опремена со најсовремена опрема и многу други инвестиции. Денес ЈКП Гази Баба самостојно ги оддржува водоводните и канализационите системи во руралните средини и самостојно изработува урбаната опрема. Во периодот пред нас ќе продолжиме со директни инвестиции во претпријатието.

 За крај дали Бобан Стефковски има време за семејството?

Времето кое го посветувам на семејството е намалено со оглед на тоа дека градоначалничката работа нема работно време. Од 10 до 12 часа во денот се резервирани за работни обврски и теренски активности, а понекогаш доколку условите го наложуваат тоа работните обврски траат и подолго. Практикувам во попладневните часови да излеземе заедно со сопругата и дечињата на прошетка во овој летен период низ Парк шумата Гази Баба, а за време на слободното време за викенд често знаеме да прошетаме и низ туристичките убавини на нашата Македонија. Недостасува време за семејството но секако имам разбирање и поддршка од сопругата, а мој најголем мотив се синовите Марио и Матео кои сакам да живеат во една чиста, убава и модерна Гази Баба.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.