Поранешниот градоначалник на општина Бутел Велимир Смилевски вели дека се манипулации информациите изнесени на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, во кои е обвинет дека спровел „скандалозна тендерска постапка“.
Според Мите Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за тендер за изградба на ново јавно улично осветлување на територија на општина Бутел во 2021 која го добила компанијата Провиз д.о.о.е.л. од Визбегово. Компанијата посочениот тендер го добива врз основа на најниска понуда, ама во т.н. „најниската понуда“ која е добиена како збир на единечни цени се крие сериозна манипулација и злоупотреба.
Компанијата согласно техничката спецификација нуди екстремно ВИСОКИ цени по единица производ за производи кои Општината ги набавувала во големи количини, и екстремно НИСКИ цени за производи кои Општината според договорот ги бара во минимални количини или воопшто не ги бара, обвини Лефков.
Смилевски одговори со Фејсбук статус.
Најавувана како “пукна бомбата за скандалозна тендерска постапка спроведена во општина Бутел во времето на мандатот на Велимир Смилевски, градоначалник од редовите на СДСМ”, пукна – меурот од сапуница произлезен од центарот за шириење на лажни вести во Белиот дворец!
ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, заради сопствената безидејност и заради тоа што не можат ништо да сработат во интерес на бутелчани, се влезени во длабок очај. Затоа, по нивниот добро испробан рецепт, сега се обидуваат тој очај да го покриваат со измислување на лаги и конструкции.
Вистината е мојот најдобар сојузник и во времето кога бев градоначалник на Бутел, а и сега. А таа е дека на стартот на мојот четиригодишен градоначалнички мандат во Општина Бутел наследивме дотраени и светилки за улично осветлување стари и повеќе од 40 години. Мрежата ја обновивме, почнавме со употреба на натриумови светилки, со што заштедувавме по повеќе од 50% на електрична енергија на месечно ниво.
Освен ова, дополнително поставивме 25% нова инсталација за улично осветлување низ целата територија на Бутел.
Јасно е што сакаат да постигнат со ширењето на лаги и дезинформации. Сакаат да го покријат своето неработење и немањето визија за интересите на бутелчани. За тоа сведочи и сегашната состојба, при што во Општината е исклучено уличното осветлување, замислете, заради неплаќање на сметки од страна на актуелниот градоначалник.Ете на кое дереџе спаднавме драги мои сограѓани!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.