Со издавањето на првото одобрение за купување државно земјиште во поранешната фабрика „Треска“ заради дооформување на градежна парцела за изградба на згради, ќе се создаде уште едно „тесно грло“ во Општина Центра и уште една локација која ќе произведува хаос наместо да биде локација која ќе го збогати целиот Буњаковец, реагираат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.
Јана Белчева-Андреевска од „Шанса за Центар“ денеска на прес-конференција рече дека се за урбанизација на овој простор, но не и за бетонизација, посочувајќи дека има целосно игнорирање на конкурсот и на идејните решенија.
Деновие се објави веста дека се почнува со продажба на државно земјиште на локалитетот на поранешната фабрика „Треска“. Таму каде што имаше 47 проценти државно земјиште, кое можеше да се искористи за сосема други намени. Ние за овој план од 2012 година слушавме многу политички ветувања уште во 2017 година – како плановите од 2012 се незаконски, како ќе бидат променети, како ќе се слуша гласот на граѓаните… Но, еве со овие последни чекори на распродажба се отвора можноста за издавање на дозволи за градба на локацијата на фабриката „Треска“ и се распрснува уште едно предизборно ветување на СДСМ, рече Белчева-Андреевска.
Таа потсети дека во 2020 година Советот на Општината донесе заклучок за урбанистичко решавање на просторот на локацијата на „Треска“ со конкурс. Тој конкурс беше реализиран со пари на граѓаните, а одлука е донесена на Советот.
Во 2021 година, како што потсети, беше подготвен стручен елаборат за суспензија, во кој од стручни лица од Општината потпишани на елаборатот, стои кои се сите прекршувања на Деталниот урбанистички план, во однос на параметрите од Генералниот урбанистички план, на подзаконските акти, како и на други регулативи, особено на нарушување на јавниот интерес и искористување на државното земјиште и претворање во градежно.
И она што е најважно е дека во предизборната кампања во 2021 година, градоначалникот Горан Герасимовски изјави „балансот во Деталниот урбанистички планови е целосно нарушен, а јавниот интерес, целосно се игнорира за сметка на приватни интереси на градежни фирми и поединци со влијание. Граѓаните немаат доверба во процедурите и општината која во континуитет не ги заштитува нивниот интерес, а граѓаните не можат да променат ништо. Ние целосно ќе ја смениме концепцијата на урбанистичко планирање“. По само една година од владеењето во Општината, резултатите се дека градоначалникот Герасимовски се става над прописите и одлуките и со тоа го делигитимира Советот на Општината и одлуките кои го донел Советот, тврди Белчева-Андреевска.
Според неа, Герасимовски го игнорира конкурсот и вклопување на конкурсот на надграденото решение во новото урбанистичко решение за делот на локалитетот на фабриката „Треска“.
Градоначалникот треба да е свесен дека ќе остане запаметен како човек кој го продава државното земјиште во „Треска“ и како човек што си ги поништи и своите зборови, но уште повеќе, го згази јавниот интерес и сите заложби на луѓето кои се потпишуваат на петиции за креирање на конкурс за „Треска“ и кои се заложија ова да биде поинаку решено, вели Белчева-Андреевска.
Јане Димески од „Шанса за Центар“ на прес-конференцијата потсети на изјавата на градоначалникот Герасимовски, во која тој за конкурсот за „Треска“, најавувал дека Општината целосно ќе го почитува овој процес и отворено ќе комуницира со јавноста за секој чекор.
Но, ова што се случува една година подоцна, како што вели, е целосно спротивно од ветувањето на градоначалникот.
Имаме целосно игнорирање на конкурсот, на идејните решенија и на занемарување на целиот процес, иако за него има одлука донесена од самиот Совет, а новиот Совет нема донесено спротивна одлука со која што ја поништува таа одлука. Од тука, заложбите на градоначалникот дека ќе се заложува за хуманизација на просторот, паѓа во вода, затоа што „Треска“ е локација која совршено ги нудеше условите да се докаже токму тоа, посочи Димески.
Како што додаде тој, со тоа што градоначалникот го отфрла целиот конкурс, идејните решенија и целиот процес што се одвивал во Општината се до неговото доаѓање на чело на Центар, овозможува спроведување на планови кои што од самата Општина се утврдени како лоши и го пробиваат Генералниот план.
На пример, во некои параметри, според она што би се спроведувало сега – плановите покажуваат дека ако во Генералниот урбанистички план процентот на изграденост во Буњаковец се предвидува да биде 22 проценти, со овие планови тој ќе биде 61 процент. Ако ГУП-от предвидува на целото подрачје на Буњаковец да живеат 12.500 жители, со спроведувањето на овие планови, би живееле над 33 илјади жители. Ако просечниот број на семејството се планирал да биде максимум 3.400, сега се овозможува над 9.300, според плановите кои тој тврди дека се важечки. Со ова ќе ни се создаде уште едно тесно грло во Општината, уште една локација која ќе произведува хаос, додаде Димески.
По денешната прес-конференција од Општина Центар реагираа велејчи дека советниците на „Шанса за Центар“ и Јана Белчева изнеле низа на лаги и манипулации за просторот кај поранешна „Треска“, кои најостро ги отфрлаат:
Прво, „Шанса за Центар“ манипулира постојано со површината на државното земјиште. На површина од 41.000 м2, 47% е државно земјиште, од кое само околу 10% е предмет на дооформување и таа постапка за дооформување на градежни парцели е законска обврска на општината. Останатите 37% се наоѓаат под површини планирани за јавна намена, како улици, тротоари, пешачки патеки, блоковско зеленило и не се предмет на отуѓување по ниеден основ. Општината ниту распродава, ниту отуѓува. Напротив, градоначалникот Герасимовски се заложи да на просторот биде донирана и изградена градинка и парк, а блоковското зеленило да биде над задолжителните 20% на парцелите. Не само што нема бетонизација, туку се обезбедува парк и повеќе зеленило како и јавни површини.
Понатаму, новото раководство на Општина Центар преку Град Скопје поведе постапка за донесување на регулациски план за ДУП Градска четврт З11, локалитети Буњаковец 1 и 2. Носењето на овој план значително би ја олеснила процедурата за одвојување и донесување на план само за просторот кај фабриката Треска, со што приоритет му се дава токму на овој дел од градот. Градоначалникот Герасимовски ги повика и сите останати надлежни институции, активно да се вклучат за негово поскоро донесување.
Сѐ до носењето на ваквиот регулациски план, општината ниту може законски, ниту пак има надлежност да стопира правни постапки на сопствениците. За тоа кривично се одговара! Ја прашуваме Белчева дали општината треба да го прекрши законот или некој кривично да одговара за институционално блокирање на граѓаните во реализација на нивните права? Дали таа и „Шанса за Центар“ ќе ги плаќаат пеналите за евентуалното непостапување? Дали предлага да се повтори нова бесправна постапка како со мораториумот кој го иницираше токму Белчева, свесна дека е незаконски и невозможен?
Второ, „Шанса за Центар“ повторно се зафатија со бранење на конкурсот кој го распиша Јана Белчева, која претседаваше со Советот на општината и која сама знае дека во реалноста не може да се реализира. Нема ниедна законска можност, ниту пак тој конкурс е спроведен согласно закон, за истиот на било кој начин да се користи. На истиот начин, спротивно на законот, беше спроведен мораториумот кој подоцна беше поништен а од кој штета трпеа само граѓаните. „Шанса за Центар“, чии членови во континуитет изминатите 5 и пол години се дел од власта во општината, не направи ништо за урбанизмот, не донесе ниту еден значаен ДУП, ниту пак на било кој начин ја подобри состојбата на граѓаните.
За крај, симптоматично е што „Шанса за Центар“ ништо не кажа, ниту даде поддршка за една од најдобрите иницијативи на општината, а тоа е иницијативата за измена во Законот за бесправно градење. Запрепастува фактот дека Белчева и оние кои ги изградија своите политички кариеири на тема урбанизам, не дадоа никаква поддршка за оваа иницијатива на градоначалникот Герасимовски, но се тука да шират дезинформации. Немаат понудено ниедно конкретно решение досега на тема урбанизам и повеќе од јасно е дека нивното политичко делување е само од политички побуди и празна дискредитација.
Граѓаните на Центар да бидат спокојни, градоначалникот Герасимовски до крај ќе го почитува законот за градење и секоја педа државно земјиште ќе биде заштитено и наменето за граѓаните законите за градба целосно ќе се почитуваат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.