Иницијативата која има три советници во Советот на Центар, Шанса за Центар, информира дека мапирала јавни објекти загадувачи низ цела Македонија.

Нов Буџет, нова зима, ново загадување, нова шанса: Ако не сакаме да дишеме воздух кој светските медиуми го опишуваат дека „мириса на изгорена пластика“, сега е шансата да се направи промена!, велат од Шанса за Центар.

Од таму посочуваат дека се подготвува новиот државен буџет за 2024 година, што е можност граѓаните да се обратат до пратениците од секоја изборна единица и заедно да се притиска за повеќе пари за борба против загадувањето на воздухот.

И општинските буџети се во подготовка, па нивното вклучување во борбата против загадувањето мора да е насочена кон веќе детектираните локални проблеми со воздухот од загревањето на општински објекти, стои во соопштението.

Иницијативата е децидна – во 2023 година не се направи промена на начинот на греење кај огромен број на јавни објекти кои се греат на нафта и мазут за да се намали загадувањето на воздухот во зима. Па, нагласуваат дека тие ќе продолжат да загадуваат и оваа зима и повторно ќе бидеме меѓу трите најзагадени земји во Европа.

Шанса за Центар само во Скопје мапираше над 100 јавни објекти – болници, градинки, училишта, касарни, судови… и други установи кои користат нафта и мазут и покрај тоа што градот има централно парно греење. По скопското мапирање, продолживме со обележување на такви објекти низ цела Македонија. Најдовме близу 700 такви објекти!“, потенцираат од Шанса за Центар.

Според нив, нема град кој во своето урбано јадро нема еден куп јавни објекти кои го загадуваат воздухот.

Скопје води, но во незавидна положба се и граѓаните во Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Гостивар… речиси никој не е поштеден. За загревање на овие објекти и оваа грејна сезона може да се потрошат над 16,5 милиони литри нафта за греење и над 4,8 илјади тони мазут. Тие и ќе ги дишеме! За нивното загревање за една сезона граѓаните преку Буџетот на државата и на општините ќе платат над 20 милиони евра“, забележуваат од иницијативата.

Оттука, повикуваат да се притиснат пратениците во Собранието и советниците да се заложат за мерки во Буџетот за 2024-та во нивните изборни единици, за да се даде шанса на сите општини да станат почисти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.