„Шанса за Центар“ пред неколку недели предупреди дека е можен развој на настаните околу поранешната фабрика „Треска“ со цел да се реши урбанистичкото планирање на подрачјето на начин кој нема да го штити јавниот интерес, велат од граѓанското здружение, додавајќи дека за жал развој има, но дури и полош од оној кој го претпоставувале.
Старите хали повторно горат кога е во ек јавна дискусија за тоа што ќе се случува понатаму со „Треска“, а се шират и сомнежи дека пожарите се подметнати. Ги очекуваме надлежните институции, Министерството за внатрешни работи, Противпожарната бригада и Град Скопје детално и брзо да се изјаснат за тврдењата дали последниот пожар е подметнат. Ги повикуваме надлежните институции и Државниот инспекторат за животна средина да утврдат какви материи се чуваат во кругот на поранешната фабрика и дали претставуваат опасност за избувнување на пожари или за здравјето на луѓето кои живеат во околината на „Треска“, па и во целата општина. Бараме институциите да ја информираат јавноста дали сопствениците на објектите и на земјиштето имаат обврска да го расчистат отпадниот материјал од нивните имоти со цел да се намали опасноста за граѓаните. Шанса за Центар смета дека одолговлекувањето на постапката за носење нов урбанистички план за подрачјето на „Треска“, придонесува за продолжување на неизвесноста и ја зголемува можноста за нови несакани случувања. Бараме општината да не тактизира со објавувањето на конкурсните решенија, туку во согласност со одлуката на Советот да организира јавна презентација на трудовите со кои се нуди поквалитетно решение за подрачјето и подобри услови за достоинствен живот на сегашните и идните жители, велат од „Шанса за Центар“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.