Центарот за управување со кризи (ЦУК) синоќа информираше дека реката Вардат е излеана во општина Аеродром. Според ЦУК, нивото на реката Вардар е драстично покачено кај мостот во градба лоциран до хотел „Русија“.
ЦУК веднаш, согласно мапите на процес и процедурите, контактираше со одговорните лица на Град Скопје, Општина Аеродром, МВР и Дирекцијата за заштита и спасување, а и други субјекти од Системот за управување со кризи. Пренесени се веднаш информациите и е побарано од истите веднаш да излезат и да се упатат на терен на местото на настанот за да се направи соодветна проценка за можноста од евентуално поплавување за соодветно да се реагира. Институциите се на терен, а местото и лично го посети и директорот на ЦУК, Ангелов. Истовремено, се повикани и надлежните од фирмата изведувач на проектот, за да се произнесат во однос на потребата од превземање на соодветни мерки за надминување на проблемот ако е потребно и со отстранување на делумните препреки на десната страна од речното корито, како и со дополнителни превентивни активности. Надлежните од Општина Аеродром и од Град Скопје ќе бидат во континуиран контакт со ЦУК со информации за превземените мерки и активности, стои во соопштението.
Од ЦУК велат дека над мостот, конкретно над препреките од десната страна на коритото, зголемениот водостој на реката предизвикува заезерување и е на самата граница на висината на максималната кота на кејот, на потегот од мостот во градба до ПИОМ.
После препреката текот на реката во речното корито е забрзан и бучен, но потоа текот на реката и коритото е во нормална состојба. Информациите што ЦУК ги доби говорат дека денеска при изведување на работни активности на градба на мостот, фирмата изведувач на работите најверојатно за потребите на градбата има попречено дел од речното корито со што директно се влијае на намалување на капацитетот на протокот на водата во речното корито, соопштија од ЦУК.
Градоначалничката на Скопје синоќа информираше дека состојбата е стабилизирана и излеаното речно корито започна да се повлекува.
Повикан е изведувачот при што наложено е на фирмата која изведува градежни активности на тој потег, која има обврска да го одржува коритото каде што гради, да ја следи состојбата на терен и да преземе мерки. Заедно со екипи на градот Скопје е поставено ноќно дежурство, со цел следење на состојбата со речното корито.
Согласно информациите од Регионалниот центар за управување со кризи, поради зголемен испуст на вода од хидро електраната Матка во текот на денешниот ден, заради зголемено производство на електрична енергија, зголемен е и водостојот на речното корито на Вардар, заради што е настанато излевањето.
Градот Скопје ќе ја следи состојбата со водостојот на речното корито на Вардар и во наредниот период, со цел навремено интервенирање и избегнување на поголеми несакани штети.
Апелираме до граѓаните да не го користат минор коритото на Вардар на потегот од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување до мостот во изградба, додека нивото на Вардар не се стабилизира, пишува Арсовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.