Денеска на прес конференцијата на мостот на Маркова река кон населбата Драчево, Директорот на ЈП Улици и патишта Скопје, Борис Настов го најави техничкото решение за санирање на оштетувањето кое во изминатите денови се појави на мостот на Маркова река во населбата Драчево.

„Во консултација со стручни лица е одлучено дупката да се санира со брзоврзувачки материјали на цементна основа, кои ќе ни овозможат враќање на асфалтот за само 24 часа после реконструкцијата на самата коловозна плоча. Во подготвителните работи за санацијата следува механички да се отстранат лабилните бетонски површини, потоа се става антикорозивна заштита на арматурата, се поставува арматурна мрежа и се залива отворот со самозаливен малтер, вели Настов.

Настов истакна дека санацијата ќе се заврши за два дена, сметано до поставување на асфалтната маса и од таа причина се бара период со минимална фреквенција на мостот, од причина што во еден период од 20-тина часа, сообаќајот на мостот ќе треба да се одвива по само една сообраќајна лента, со најмала можна брзина на движење, од околу 10км/h.

Генералната состојба на мостот е мало локално оштетување на плочата од коловозот, што може да се смета за “најлесна можна категорија на оштетување на носечката конструкција “ на еден мост. Притоа стабилноста и носивоста на мостот воопшто не е доведена во прашање, туку во овој момент имаме само состојба на мало локално оштетување на плочата од мостот и кое лесно и брзо ќе се санира. Веќе од сабота ќе се работи на тоа и според предвидената работа и во зависност од временските услови би требало да биде саниран до почетокот на другата недела, истакна Настов.

Настов исто така истакна дека генералната забелешка на градежните стручни лица за причините на настанување на дупката на мостот кој е постар од 40-тина години се несоодветното одржување на горниот строј на мостот, неизведена хидроизолација помеѓу армиранобетонската плоча и асфалтната подлога, односно несоодветен заштитен слој на арматурата во плочата, изостанок на периодични прегледи на состојбата на мостовите, како и буџет за одржување на мостовите, од причина што слични сценарија се видени и на мостовите од постоечките магистрални патишта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.