Станарите на Капиштец со години се изложени на самоволието што го толерираат градските власти, а доаѓа од сосптвениците на објектите сместени помеѓу булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Народен фронт“.

Во овие објекти се главно сместени кафеани и ноќни клубови, кои често биваат пријавени за гласната музика, особено лете.

Но, освен што немаат мир од гласната музика, жителите на Капиштец велат дека мораат да паркираат десетици метри од домот затоа што еден од објектите, во кој се сместени лабораторија и карате-клуб, узурпира голем дел од паркингот.

Преку ден тука е хаос. Навечер е бетер. Доаѓаат луѓе од други страни на градот, тука работат, паркираат, си плаќаат луѓето. Ние не реагираме зашто некој доаѓа, туку затоа што се узурпира земјиште што ни припаѓа на сите граѓани. Ова трае со години. Кој колку сака што сака си заградува, рампи ставаат па после ние си ја чукаме главата каде да паркираме. Во Центар секој сантиметар е драгоцен, вели станар од Народен фронт.

Жителите се револтирани од индолентниот однос на одговорните, кои како да немаат интерес да им излезат во пресрет на жителите, туку им се потчинуваат на бизнисмените.

Овој овде рампа ставил. Ем се распослал на земјиште што не му припаѓа ем заградил, па не можеме да излеземе на „Гологанов“ и пеш. Се утепуам од кружење, вели жителка која ја затекнавме како ита кон пазарчето во Буњаковец.

Република испрати прашања до Градски паркинг и Град Скопје дали се надлежни за овој проблем на жителите на Капиштец. До овој момент не сме добиле одговор, но остануваме отворени да ја објавиме и нивната страна.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.