Родителите на децата од градинката „Детска радост“ во отворено писмо до јавноста потсетуваат на сите криминални дејствија на директортката, која иако градоначалникот на Гази Баба ја разреши, беше вратена на работа од страна на министерката за труд и социјала Јованка Тренчевска.

Тие доставуваат и документи како доказ за незаконското работење и најавуваат отпор и кон тоа и кон министерката Тренчевска.

Нивното отворено писмо до јавноста ви го пренесуваме во целост:

Почитувани новинари,

По оддржани два состаноци на родителите на дечињата кои ја посетуваат детската градинка Детска радост го доставуваме ова отворено писмо до јавноста.

Се обраќаме по неколку дена пауза бидејќи почекавме да заврши завршната приредба на генерацијата која оваа година завршува со посетата на градинката, а беше закажана за вчера 31.05.2023 година. Не сакавме да бидеме пречка за реализација на оваа приредба бидејќи сепак се работи за нашите деца.

По направени консултации со вработени внатре во градинката и сеопфатна анализа за известуваме јавноста за донесените заклучоци:

  1. Се формира иницијативен одбор од пет преставници кои во следниот период ќе говорат во името на сите нас незадоволни родители;
  2. Од понеделник 05.06.2023 година официјално ќе започнат нашите активности за искажување на незадоволството од повторното именување на директорката;
  3. За денес 01.06.2023 година е предвидено до медиумите да се достави ова отворено писмо со анализа на документите.

Повикувајќи се на Законот за Заштита на укажувачите до целокупната јавност доставуваме анализа на документите кои пристигнаа до нас, а говорат за прекршување на Законите.

АНАЛИЗА СО ПРИЛОГ ДОКУМЕНТИ

СИТУАЦИЈА БРОЈ 1

На ден 25.05.2021 година до градинката Детска радост е доставена профактура број 21-012-00166 од економски оператор за извршена набавка на луксузен мебел со вредност од 69.266,75 денари.

Имајќи предвид дека мебелот бил набавен, а истиот не бил дел од финансискиот план на детската градинка, Управниот одбор на градинката на ден 23.07.2021 година носи Одлука за изменување и дополнување на Финансискиот план за 2021 година во кој како претпоследна точка стои: “Се додава конто 483110 – Купување на канц. Мебел во износ од 72.000 денари”.

За да се покрие крешењето на Законот на ден 07.09.2021 година е доставена истата профактура број 21-012-00166 само со променет датум.

СИТУАЦИЈА БРОЈ 2

Во прилог Ви доставуваме фактури од угостителски услуги кои директорката ги реализирала во работно време, а најчесто и по завршување на работното време, а дополнително и со храна за носење.

СИТУАЦИЈА БРОЈ 3

Службеното возило кое го има купено градинката со намена да разнесува храна за децата низ клоновите било злоупотребувано и истото се користело за приватни потреби. Во прилог Ви доставуваме и службени налози за користење на автомобилот во кој како дестинација за движење стои Петровец, местото каде што живее директорката.


СИТУАЦИЈА БРОЈ 4

Со пари од градинката се вршело секојдневна набавка на производи кои не се за децата, туку за менаџментот за градинката.

 

Почитувани новинари,

Сите ние родителите на децата кои се згрижуваат во градинката Детска радост секојдневно сме должни со носењето на нашите деца да носиме и средства за хигиена (течен сапун), тоалет, влажни марамици, пластички чаши и слично.

Нема пари за нашите деца да се купат потребните работи за нормална грижа врз нив, но секако има пари за луксузен мебел за менаџментот, ручеци проследени со алкохол и за скаби бајадери.

Ова наше писмо со сите овие документи доаѓа по повикот од директорката да на отворен ден ни ги презентирала документите со образложение дека немало криминал.

На овие документи ли мислевте, госпоѓо Анета Петровска?

Нас приемен ден, не ни треба. Нас ни треба одговорен менаџер на чело на градинката во која ги оставаме за грижа нашите деца. А нашата бројност ќе ја види и директорката, но и министерката која се стави во заштита на директорката за многу брзо.

Ја известуваме јавноста дека веќе од понеделник започнува нашиот отпор кон незаконското работење во градинката.

Ги повикуваме сите граѓани да ни се приклучат на нашиот отпор.

Ова е отпор против криминалот и корупцијата!

Ова е отпор против незаконското работење!

Ова е отпор против министерката Јованка Тренчевска која вршејќи самоволие ја врати директорката на чело на градинката!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.