Ќе се санира фасадата и комплетно ќе се реконструира покривот на објектот „Пинокио“, клон на градинката „Раде Јовчевски – Корчагин“ во општина Центар. Ќе бидат реконструирани и надворешните тераси и внатрешноста на целиот објект.

Како што соопшти Општина Центар, во внатрешниот дел на објектот се работи во занималните и ходниците, каде се изведува реконструирање на дел од ентериерот, замена на внатрешната столарија и целосна замена на електричната инсталација и реконструкција на дел од водоводната и канализациска мрежа.

– Квалитетната и сеопфатна детска заштита подразбира континуирано подобрување на условите во градинките и грижа за најмладите. Затоа периодов работиме на обновување на фасадната и покривната конструкција и во објектот „Пинокио“ со цел да придонесеме за уште подобри услови за престој на децата особено во зимските и дождливите периоди. Паралелно инвестициите во внатрешноста на градинката и просториите ќе придонесат до поквалитетен воспитно-образовен процес и зголемен комфор за децата, изјави градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски.

Од Општина Центар посочуваат дека се работи интензивно со цел да се овозможат подобри услови за престој на децата во градинката „Раде Јовчевски-Корчагин“. Летниот период, како што се наведува, е поволен за извршување на градежните зафати, кои според предвидената динамика се планира да бидат завршени до крајот на август.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.