Општина Кисела Вода, преку проектот „Ранче за секое прваче” ќе обезбеди за идните првачиња од сите општински основни училишта бесплатна чанта, тетратки и прибор.

Со овој проект, опфатени ќе бидат сите 600 првачиња запишани во основните училишта на територијата на Кисела Вода.

Првиот училишен ден значи голема возбуда за сите првачиња и за нивните родители.
Сепак, сѐ поскапиот живот во земјава носи големи грижи, посебно кога во семејството има еден или повеќе ученици за кои треба да се обезбеди чанта, училишен прибор, впрочем сето она што на дечињата им е неопходно за да бидат дел од наставниот процес. Се надевам дека ова олеснување на семејниот буџет ќе им овозможи на родителите и првачињата претстојниот 1-ви септември да го паметат само по убави нешта, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Паралелно, додава тој, вложувањата во унапредување на наставата ќе продолжат со несмален интензитет.

Ќе потсетам дека во оваа учебна година го реализиравме проектот „Компјутер за секој наставник”, а обезбедивме и донација од смарт табли, со што сега сите основни училишта се опремени со уреди кои помагаат да се подобрат дигиталните вештини на учениците. Им посакувам среќен и весел распуст на сите ученици, безгрижно детство и многу, многу успех.
Тие се нашата иднина и влогот во нивното образование значи влог во унапредување на нашата Македонија, вели Ѓорѓиевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.