Веќе трет ден скопјани се будат со ладни радијатори.Така е и денеска кога парното греење е пуштено на минимум и голем дел од граѓаните се прашуваат зошто е тоа така.
Но, од новиот добавувач со енергија не милат така, Оттаму велат дека нема дефекти во топланите и дистрибутивната мрежа за парно греење во Скопје и тие се 100 отсто функционални.
Се интервенира по повици на граѓани за дефекти во домовите или на потстаниците во зградите, но тоа, како што велат од АД ЕСМ, е вообичаено на почетокот на грејната сезона.
Од денеска корисниците на централното греење ќе треба да потпишат нови договори со ЕСМ Снабдување ДООЕЛ Скопје.
Од ЕСМ уверуваат дека засега нема проблем во производството и испорачувањето на топлинската енергија и оти ќе има доволно енергенси за целата грејна сезона. Директорката за производство од АД ЕСМ Александра Маројевиќ вчера информираше дека во првите два дена од стартот на грејната сезона пријавени се околу 600 дефекти од корисници на топлинска енергија, а најголем број се однесуваат на истекување од внатрешни инсталации.
– Овие дефекти не можат да се предвидат од наша страна, ниту од страна на корисниците. Во таков случај нашите екипи ја прекинуваат испораката на топлинска енергија во тие потстаници сè додека кај корисниците не се отстранат дефектите од истекувањето, појасни Маројевиќ.
Најчести причини за студени радијатори се дефекти во топлински потстаници, како и најразлични затнувања на радијаторите, затнување на воздух, запуштен прочистувач, откажување на пумпи итн.
Приоритет на сервисните екипи на терен имаат рекламациите за течење, со оглед дека тие можат да предизвикаат материјална штета во домовите. Сите останати рекламации за немање греење, односно студени радијатори се извршуваат од сервисните служби на терен по редослед „прв јавен, прв услужен“.
Во однос на испораката на топлинската енергија во попладневните часови, таа посочи дека во изминатите два дена греење немало зашто надворешните температури биле високи.
– Млаките радијатори во овој период и во наредниот не се дефект, туку се рационална испорака на топлинска енергија согласно правилата, со цел во објектите да се исполни 20+1 степен Целзиусов. Како ќе паѓаат надворешните температури, така и обемот на испорачана топлинска енергија низ грејните тела ќе се зголемува, појасни Маројевиќ.
Во однос на енергенсите, информира дека АД ЕСМ и државата работат на обезбедување природен гас по поволни цени, а ако во тоа не се успее, алтернативно решение ќе биде користењето на дизел гориво, кое е достапно на пазарот и навремено ќе биде обезбедено. На располагање се државните резерви во однос на основните енергенси и граѓаните треба да бидат спокојни во поглед на парното греење во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.