Десет дена нема топла вода во Студентскиот дом „Стив Наумов“-Скопје, зграда-3. Студентската година веќе е започната, домовите се полни со студенти, а во Стив Наумов сѐ уште нема топла вода.

Студентите револтирани ги преплавија социјалните мрежи со апели. Студентите не сакале да зборуваат пред камерите, но зад камера изјавиле дека веќе десетина дена немаат топла вода, па тие одат во студентскиот дом „Гоце Делчев“ каде ги извршуваат своите основни потреби.

Директорот на државниот Студентски дом-Скопје, Виктор Велевски, за ТВ 24 вели дека информиран е за проблемот и уверува дека во текот на денешниот ден проблемот ќе биде решен.

– Во моментот се работи на санирање на проблемот со топла вода во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје -зграда 3. Се работи за дефект на греачи на главниот систем за загревање на топла вода, очекувам во текот на денот проблемот да биде решен. – изјави Велевски.

Студентите замолуваат и се надеваат на поскоро решавање на овој проблем. Тие бурно реагираа по ова прашање, информациите првенствено беа објавени на инстаграм профилот Студентарија мк реагирајќи дека студентскиот дом е како во камено доба со тоа што веќе десет дена нема топла вода.

Извор: 24.мк


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.