На Клиниката за кардиологија се поплавени подрумските простории, каде што се салите за интервенција, по силното невреме со пороен дожд, грмежи и ветер што го зафати Скопје, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од ЦУК велат дека големо количество вода во подвозникот кај Тинекс, кај катната гаража на улицата Антон Попов го попречува одвивањето на сообраќајот.

На единствениот број за итни ситуации 112 во ЦУК има пријави дека се поплавени неколку подрумски простории на улицата Јордан Мијалков спроти зградата на „Лимак“, две куќи поплавени во населба Драчево на улицата Славка Динкова. Има паднато повеќе гранки од дрвја при првиот налет на невремето на улицата Симеон Кавракиров, во населбата Мичурин во Аеродром паднало големо дрво на улицата што оштетило и возило во движење, а и паркирани возила. Дрвото попладнево е отстрането од екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ на Град Скопје и улицата е проодна. Исто така, имало паднато голема гранка од дрво во близина на аптеката „Зегин“ на булеварот Свети Климент Охридски.

Од Регионалниот ЦУК Скопје стапиле во контакт со пожарникарите од Бригадата (БППЗ) на Град Скопје и биле испратени екипи за испумпување на водата од критичните точки, а и со надлежни за вакви ситуации од претпријатијата на Град Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.