По реакција на поголем број на родители, наши граѓани, по последните немили настани изминативе неколку деноа и неколку недели, во координација со МВР одлучивме да се засилат полициски присуства во Општина Центар, вети вчера градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на заедничка изјава за медиумите со портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски.

Вети дека во следниот период ќе има засилени полициски контроли, присуство на полиција околу Дебар Маало, но и низ целата Општина Центар со цел на превенција од насилство и деликвенција која често се случува во ноќните часови.

Се договоривме уште повеќе да ја интензивираме и координацијата, и комуникацијата со цел, пред се, превенција на немилите настани, изјави Герасимовски.

Тој апелираше до граѓаните што побрзо да пријават и да алармираат можни нарушувања на јавниот ред и мир во МВР кои мораат навремено да реагираат, а на родителите им порача будно да ги следат децата и да работат со нив на превенција од насилство, алкохолизирање и најважно, злоупотреба на дрога која, како што посочи, е огромна опасност кај најмладите.

Според Ангеловски, МВР презема низа мерки и активности за зголемување на безбедноста на граѓаните и дека се работи на превентивен, но и на репресивен план. Според нивните статистики – сето тоа дава резултати.

Како што пишуваше „Република“, родителите се загрижени и реагираат за безбедноста на своите деца поради добро организирана банда на малолетници што напаѓа, малтретира и ограбува деца низ Дебар Маало.

Групата делува така што таргетира некој што во моментот е сам или помало друштво, заплашува и го напаѓа оној што нема да успее да им побегне. Доаѓаат организирано со повозрасни лица кои ги оставаат да хараат низ Дебар Маало, кај Градежен, во Градски парк и кафулињата и сендвичарите каде најчесто се собираат помлади. Често во себе носат и ладно оружје.

Мајка на едно од децата кои досега било нападнато во близина на Дрвен град, предупредува за насилството со кое се соочуваат децата.

После точно една недела од нападот на моето дете, вчера истата група беше забележана на Дрвен околу 22:00 часот и веднаш реагиравме, пријавивме во полиција, го викнавме син ми да ги идентификува, но за жал беше предоцна, односно групата се разбега, раскажува таа.

Дека не се чувствуваат најбезбедно да излегуваат и да се дружат низ дебармаалските улици, сведочи и млад тинејџер, кој откако бил сведок на извлекување на нож кај „Силбо“, вели сега поретко излегува навечер.

Да не стигне до тоа децата кои живеат таму веќе да не можат слободно да излегуваат на своите улици, да играат и да се дружат, родителите од едно центарско училиште на состанок со надлежните потпишале петиција со барање за редовни полициски патроли на „клучните точки“. Таа ќе биде испратена и до полициските командири, министерот за внатрешни работи и премиерот.

Посакуваме полицијата малку да ги повлече групите зошто ако ова продолжи овие „изолирани“ инциденти може да прераснат во поголем конфликт, се вели во заклучокот од родителската средба.

Забележан беше и друг вознемирувачки инцидент, кога тригодишно дете било нападнато од педофил додека си играло со други деца на детско игралиште во Дебар маало.

Инцидентот се случил во вечерните часови. Случајот е пријавен во полиција, а педофилот е приведен.

Педофилот видно алкохолизиран го дофатил детето и успеал да му ги соблече и панталоните , но за среќа негово другарче истрчало и ја повикало мајката која повикала полиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.