Измешани термини, поими и надлежности. Ова е единствениот впечаток од прес-конференцијата на директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, кој наместо да ја врши работата што согласно законот треба да ја извршува оваа институција, тој во јавноста пласира невистини и неточни информации и ја префрла одговорноста, се вели во реакцијата на општина Аеродром на прес конференцијата на Стојанче Ангелов пред дупката на кејот на Вардар.

Доколку Ангелов ги познаваше законите ќе знаеше дека обврска на институцијата која тој ја води е да ги координира надлежните институции во процесот на управување со кризи. Координација помеѓу државните институции подразбира писмена комуникација, активна соработка и редовни состаноци, а не прес-конференции и јавни паради. Дополнително, Директорот на ЦУК треба да знае и дека надлежност за решавање на проблемот кој тој го посочи има исклучиво градот Скопје.

Пред да зборува за ветер и магла, Ангелов треба да даде одговор зошто неговата институција не презеде никакви активности при последните обилни дождови кои неодамна ја зафатија Општина Аеродром, чии граѓани беа најпогодени. Дополнително, пред јавноста треба да даде и одговор и на прашањето до каде е постапката за обесштетување на граѓаните кои претпреа материјални штети од последното невреме. Ова се многу посуштествени теми, во споредба со ланскиот снег и дождот во 2023 година за кои тој милува да говори.

Системот за управување со кризи и потенцијалните опасности во него се решаваат со меѓусебна работа и координација, а не со прес конференции и паради во јавност. Ова не е твитер и кршење керамиди. Станува збор за проблем, кој треба да го реши градот Скопје, а решавање го координира Центарот за управување со кризи. Поради ова уште еднаш апелираме сите институции да си ги извршуваат законските надлежности, да постапувааат согласно со законите и да внимаваат какви информации споделуваат со јавност. Споделувањето информации кои се неточни и непроверени може да предизвикаат непотребна паника и страв, што пак повлекува морална и кривична одговорност, се вели во реакцијата на општина Аеродром.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.