Општина Ѓорче Петров во соработка со Армијата денеска со положување цвеќе на три спомени одбележа 22 години од загинувањето на бранителите кај Љуботенски Бачила во конфликтот од 2001 година.

Како што соопштија од Општината, централниот настан се одржа на споменикот на бранителите од Ѓорче Петров во Волково каде цвеќе положија бројни високи државни, партиски и делегации на здруженија, а обраќање имаше и градоначалникот на Општината Александар Стојкоски.

Нивната жртва е испишана во историјата, а нашите поколенија учат за нивното дело, рече Стојкоски истакнувајќи дека сите се гордеат со херојствата на овие македонски синови.

Тој информираше дека Општина Ѓорче Петров му предложила на Советот на Град Скопје пет улици во општината да бидат именувани со имињата на овие македонски херои, во најголем дел улиците на кои се наоѓаат нивните семејни куќи.

Ова е само дел од нашите заложби во нивна чест. Жалам и секогаш ќе жалам. Сите заедно изгубивме едно брдо херојство. Тажно за нашата Македонија. Вечна слава на Ивица Златевски, Раде Јанковски, Томе Димоски, Томислав Настевски, Ацо Ангеловски, Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев и Марјанчо Бошковски и на сите македонски бранители кои одлучно застанаа во одбрана на својата земја и го положија животот за Република Македонија, додаде Стојкоски.

Во своето обраќање, Стојкоски истакна дека нивното херојство и жртва со сопствениот живот е љубов кон татковината за почит и заслужува поклон до земја за јунаштвото.

Во рамки на одбележување на годишнината од загинувањето, денеска беа посетени и спомен-чешмата во чест на Томислав Настевски-Бумбар, како и споменикот на сите бранители во реонскиот парк, каде исто така, беше положено цвеќе во чест на бранителите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.