Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска на 12 мај, годинава била повикана на разговор во полициска станица за опожареното возило на извршната директорка на Сојузот на Стопански комори, Кристина Стојановиќ, објави „Фокус“, според чии информации , извршната директорка само 15 часа пред да и биде запалено возилото на крајот на февруари добила заканувачка порака, која и била оставена во автомобилот, во која се барало веднаш да го напушти ССК, во спротивно животот ќе и стане пекол.

„Фокус“ успеа да направи увид во полицискиот записник во кој се објаснети сите случувања што претходеле на палењето на автомобилот на извршната директорка на Сојузот на Стопански комори.

Заканите почнуваат уште на 9 февруари, годинава, кога извршната директорка како што е наведено го чекала своето малолетно дете од тренинг, кога добила телефонски повик, на кој првиот пат не се јавила, за подоцна, поточно по само две минути да одговори на новиот телефонски повик. Како што е наведено понатаму во записникот, на телефон ѝ се јавило непознато машко лице, кое почнало да ја навредува со погрдни зборови и да и вели да си оди од таму каде што дошла. Кога таа прашала со кого разговара, телефонскиот повик бил прекинат.

Сознанијата на неделникот покажуваат дека полицискиот записник е направен на 25 февруари, годинава, поточно веднаш откако било пријавено дека е опожарено возилото, каде што е објаснето и што сè се случувало претходно и низ какви трауми поминала извршната директорка, која во записникот тврдела дека е уплашена за нејзиниот и животот на нејзиното семејство.

Во самиот записник може да се забележи дека пред да почне голготата, на еден од состаноците на Управен одбор, лицето Драган Митковски, претседател на Сметководствена комора, за кој веќе објавивме дека е еден од поблиските соработници на Арсовска побарал разрешување од извршната директорка, која на оваа функција била назначена во август, лани.

Истиот ден, Стојановиќ на својот мобилен телефон на апликацијата „Сигнал“ добила порака од градоначалничката на Скопје, каде што е запишан и телефонскиот број од кој ја барала, кој се поклопува со тој што го користи Арсовска.

Добро утро, после она што си дозволила Трајан да го прави, топло ти препорачувам уште денес да се повлечеш од ССК, по што за кратко време и се јавила на телефон на истата апликација и разговорот се движел во истата насока.

Повеќе на „Фокус



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.