Премиерот Христијан Мицкоски утре во 11 часот ќе присуствува на поставување камен темелник на изградба на нова детска градинка во населено место Ново Село кај Стопански Двор во Општина Ѓорче Петров.
Детската градинка ќе има капацитет за згрижување на над 100 деца, на површина од 415 м2 на приземје и 483 м2 на прв кат. Дечињата на возраст од 0 до 2 години ќе бидат сместени во две групи на приземјето на градинката. Првиот кат е предвиден за поголемите дечиња кои дневните програми ќе ги поминуваат во 4 занимални, односно вкупно 6 занимални заедно со јаслите, поделени на два ката.
Објектот кој ќе биде граден по најмодерни стандарди ќе опфаќа заедничка занимална, повеќенаменски простор, просторија за изолација и просторија за индивидуална работа, гардеробер, кујна, санитарни простории и отворена занимална.
Проектот е финансиран од Владата и е во вредност од 60.000.000 денари, а со ова ќе се намали списокот на деца кои чекаат за упис во детските градинки во Ѓорче Петров.
Најмладите жители добиваат нови и современи објекти за воспитно-образовен процес и едукација од најрана возраст, информираат од Владата.
Предвидено е изјава за медиуми да даде претседателот на Владата Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.