На денешната седница на Советот на Град Скопје наменета за советнички прашања кон градоначалничката и другите назначени функционери како директори на јавни претпријатија и Генерален секретар на градот, советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за урбанизам при советот, Владимир Нелоски поради отсуството на градоначалничката го праша новоназначениот Генерален секретар на градот, дали сопругата на директорот на новото градско претпријатие за урбанизам „Кензо Танге“ е вработена во партиципативното тело за да има подобра комуникација после работното време или пак се работи за непотизам.

Бидејќи зборевме за транспарентност, збор кој што е многу важен и во животот и во политиката, барам како претседател на Комисија за урбанизам во Советот на Град Скопје да ги добијам, членовите на комисиите за урбанизам, сообраќај и транспорт и ме интересира дали е вистина дека еден од членовите на партиципативното тело за урбанизам при градот Скопје е сопруга на ново поставениот директор на претпријатието „Кензо Танге“, кое што исто така ќе треба да се грижи за урбанизмот во градот Скопје. Дали ако е навистина сопругата на директорот кој што треба да се грижи за урбанизмот во Скопје, поставена во партиципативното тело, дали е поставена за да има подобра комуникација во домашните услови кога ќе заврши работното време за да може да функционира или се работи за непотизам, запраша Нелоски.

Иако граноначалничката отсуствуваше од продолжението на седницата на Советот, Нелоски упати неколку прашања и до Данела Арсовска од која побара уснен одговор, при што праша до каде е градежната офанзива која ја најави уште пред почетокот на летото и која требаше да заврши заклучно со 31 август, како што е булеварот Есенинова кој што поврзува три скопски општини.

За моето прашање сакам да добијам уснен одговор, а тоа е на 8 јуни градоначалничката имаше прес конференција на која што најави градежна офанзива. Јас како и сите граѓани на Скопје ја поддржавме во тој момент за таа градежна офанзива и најави дека до триесетти истиот месец ќе бидат завршени два проекта. Односно, ќе биде завршен проектот на Есенинова, односно булеварот Есенинонова кој што поврзува три општини во градот Скопје и кој што една од клучните сообраќајници, за жал до ден денеска не гледам дека може да дојдат луѓето од Кисела Вода или од Аеродром преку таа улица до Градот Скопје. И дали започна проектот за улицата Теодосиј Гологанов? Зошто го прашувам ова, бидејќи исто до 30.06 градоначалничката вети дека ќе биде започнат тој проект. Јас знам дека има многу проблеми со проектите, но како човек кој што си стои на својот збор, кој што ја говори вистината, кога некој ќе каже до одреден датум ќе започне било што, некој проект или ќе завршат друг проект, треба да си стои на зборот, рече Нелоски.

И исто така, додаде Нелоски, ме интересира дали градоначалничката, бидејќи на истата прес конференција, не гледаше нас граѓаните на Градот Скопје и вети дека од први јули до 30 август конечно ќе започне огромниот, витален, капитален проект за градот Скопје Усјански канал.

Денеска сме 15 септември, ме интересира дали е започнат тој проект и до каде се градежните активности, бидејќи секојдневно добиваме повици и од граѓаните од Аеродром, но и од граѓаните од Кисела Вода до каде е тој проект, општини во кој што градоначалничката доби околу 40 илјади гласови, дали ќе почне тој проект во втората фаза во Кисела Вода и кога ќе заврши прва фаза, посочи советникот Нелоски.

Тој, како млад лик, обрна посебно внимание и на фестивалите во Градот Скопје, при што праша дали наредна година ќе бидат поддржани „Виноскоп“ и „Пиволенд“, кои имаат 12-13 годишна традиција на кои што младите генерации ќе ги посетат и ќе се забавуваат.

Понатаму, кога зборуваме за луѓе кои си стојат на зборот, околу почетокот на мај месец нашата градоначалничка беше на гостување на еден од нејзините омилени медиуми и една од темите кои што ги говореше таму, беше за фестивалите во Градот Скопје, а баш тогаш, односно неколку дена пред тоа требаше да содржи фестивалот „Виноскоп“. Фестивал со 12-13 годишна традиција која што за жал, неколку години од претходниот градоначалник, беше стопирана но, градоначалничката во тој момент даде изјава дека „конечно „Виноскоп“ како фестивал со 12-13 години традиција повторно почна да се одвива и дека не смее таа традиција да застане“. Се согласувам со градоначалничката дека тој проект не смее да застане, но во септември месец имаше уште еден фестивал на кој што јас видов многу млади луѓе присутни и советници, но видов и сегашни директори на градот, го видов и Секретарот на Градот Скопје беше на тој фестивал исто така и некои поранешни директори и илјадници грашани кои што беа таму присутни. Прашањето ми е, колкава поддршка му даде Градот Скопје на фестивалот „Пиволенд“, исто фестивал кој што има 12-13 годишна традиција и кој што, се надевам дека во иднина ќе продолжи, и ме интересира секретарот да ми одговори дали овој фестивал, како и „Виноскоп“ ќе биде поддржан и илјадници млади ќе се забавуваат“, праша Нелоски.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.