Општина Центар преговара со инвеститорите кои ќе подигнат згради на просторот на поранешната фабрика „Треска“, да изградат градинка и да ја донираат на Општината, вели градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.

„Почнати се процедури за расчистување на објектите од страна на сопствениците на одредени парцели. Иако нема градинка предвидено, ние правиме напор со сопствениците односно инвеститорите што во иднина би граделе во тој дел да направат градинка што би ја донирале на општината“, вели Герасимовски во интервју за Радио Слободна Европа.

Десетици инвеститори поднесоа барање до Општина Центар за окрупнување парцели преку откуп на државно земјиште на оваа локација. Сопствениците на приватното земјиште сакаат да градат според детален урбанистички план кој беше оспорен, а според постоечката регулатива можат да бараат окрупнување на парцели доколку поседуваат над 30 отсто од земјиштето.

Државата на оваа локација поседува околу 40 отсто од државното земјиште. Градоначалникот вели дека поднесените барања се за 10.до 15 отсто од она што државата го поседува.

„До општината уште пред неколку години се пристигнати многу барања, но во моментов е процедура за расчистување на земјиштето, односно отстранување на објектите. Од тие парцели што имаат поднесено барања мислам дека е тоа мал процент на парцела, околу 10 до 15 отсто, што не се големи бројки. Останатиот дел што е државно ќе потпадне на урбанизација, решавање на сообраќајот, во делот на паркирањето и зеленилото“, вели Герасимовски.

Во април минатата година на оваа локација изби пожар, при што изгореа напуштени објекти. Локацијата е подолго време спорна поради интересот на инвеститорите да градат станбено-деловни објекти според детален урбанистички план кој не е усогласен со Генералниот урбанистички план на градот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.