Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, заедно со директорот на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Даниел Браун, и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, денеска на прес-конференција го претставија проектот „Создавање европска општина: Политика на интегритет за нула корупција“. Станува збор за заеднички проект со Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Обезбедување општина со нула корупција беше моја лична заложба во кампањата на последните локални избори, а претставува клучен предуслов за функционална и ефикасна општина. Правилата по кои функционират и работат функционерите во општината, вработените, администрацијата во општината мора да бидат насочени на тој начин за да обезбедуваат ефикасен систем на добро управување и добро владеење“, рече градоначалникот Муцунски во своето воведно обраќање.

Тој додаде дека системот на добро управување во 21 век предвидува соодветни алатки поврзани со дигитализацијата, насочена кон подобрување на услугите што се испорачуваат кон граѓаните.

Овој проект е сериозен симболичен почеток на еден нов начин и нов систем на функционирање на општините којшто ние сакаме да го наметнеме“, заклучи градоначалникот.

Проектот предвидува Фондацијата да ангажира реномирани домашни експерти што ќе имаат цел во следните четири години да помогнат Аеродром да стане прва општина без корупција.

Верувам дека еден проект ‘Нула корупција’ има многу значајна позадина за локалната самоуправа, што е многу важно за граѓаните. Без разлика дали станува збор за отпадот или нешто поврзано со енергијата, прво се обраќам до градоначалникот, се обраќам кај локалната самоуправа. Пред да преминам на следното ниво, до министрите, се обидувам најпрвин тоа да го решам на локално ниво. Тоа е почетокот. Од исклучителна важност е како ќе бидат употребени јавните средства“, истакна директорот на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Даниел Браун.

Тој ја поздрави заложбата на градоначалникот со која Општина Аеродром ќе стане пример за тоа како треба да се води и да се управува која било институција на локално и на централно ниво. Остануваат посветени партнери низ имплементацијата на целиот процес и преземањето конкретни чекори со кои Општина Аеродром ќе се бори против корупцијата.

Проектот ќе се работи по однапред утврдена методологија, со јасно дефинирани цели и анализа на резултати. Со него ќе се предвиди анализа на ризик кај градоначалникот, секретарот, јавната администрација, реформа во процесот на одлучување и административна реформа.

Во основа на проектот станува збор за испитување на начините на кои ќе се имплементира концептот за интегритет на општините, концепт, кој инаку е меѓународно препознаен и од многу меѓународни организации и кој во основа ги тангира односите, односно го гради интегритетот на организацијата на која се однесува, релациите меѓу вработените, релациите меѓу вработените и раководните лица и сите тие во релација со корисниците на услугите, односно со нас граѓаните. Во коренот, проектот претпоставува идентификување и изнаоѓање антикорупциски мерки на локално ниво“, појасни деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Сашо Георгиевски.

Целосната имплементација на овој проект ќе гарантира дека парите на граѓаните ќе завршат на вистинското место и на тој начин граѓаните ќе добијат поголема транспарентност за нашата работа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.