Полициски службеници денеска интервенирале во Град Скопје по пријава на градоначалничката Данела Арсовска, која се пожалила дека претседателот на Советот Трајко Славески го украл микрофонот од салата за седници. Како што неофицијално дознаваме, извршен бил претрес во кабинетот на Славески, а распрашувани биле и присутните.

Одговор од МВР на нашите прашања во врска со пријавата на Арсовска и целиот распит сè уште немаме. Во меѓувреме, од Град Скопје пристигна реакција во која вината околу случувањата за време на седницата се префрла врз Славески.

Жалиме што скопската јавност уште еднаш беше сведок на самоволието, некултурата и немањето на доволен демократски капацитет на претседавачот на Советот на град Скопје Трајко Славевски. Во ниту еден случај, Советот не смее да биде оставен во рацете на човек кој нема основни морални и етички прерогативи. Невидено и недозволено е, 45 совентици, претставници на скопјани да бидат заложници на копчето на Трајко Славевски кој денес ја одложи седницата за советнички прашања бидејќи наводно му била одземена можноста да исклучува говорници кога не му се допаѓа нивниот говор. Скопјани не се должни на сопствена штета да трпат последици поради хировите на еден човек кој има една, единствена и основа задача – воведување на едноумие по примерот на неговиот политички ментор – Христијан Мицкоски. Затоа, од сечија корист би било г-дин Трајко Славевски да си поднесе неотповиклива оставка од функцијата, со цел да се спречи блокирањето на функционирањето на градот и претпријатијата на градот Скопје, смислената хајка поради политичката нетрпеливост и поради потребите на ПР тимот на Христијан Мицкоски. Недозволиво е, граѓаните на градот Скопје поради потребите на оваа политичка групација која институционално но и вон-институционално прави сѐ да прикаже „неспособност“ на градската администрација, тоа да го прави на штета на скопјани. Против претседавачот на Советот на град Скопје Трајко Славевски е поднесена итна претставка до Министерството за локална самоуправа и Инспекторатот за локалната самоуправа поради тешки прекршувања на Уставот во член 16. Законот за локална самоуправа во член 48. и Деловникот град Скопје во член 57. Апелираме, министерството и инспекторатот веднаш да ја разгледаат претставката и соодветно да реагираат во корист на скопјани, велат од Град Скопје.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак велат дека се згрозени од недоличното однесување на Данела Арсовска, која како градоначалник, наместо како пример за добро однесување и управување е пример како не смее да се однесува јавен функционер.

Советничката група на ВМРО ДПМНЕ го поддржува правото Славески да го спроведува деловникот дословно. На Македонската јавност и е преку глава од циркузот кој го организира власта, па згора на се сега треба да го гледа и циркузот во режија на Арсовска. Да посветуваше толку внимание на работа и проекти, немаше Скопје да биде руиниран град. ВМРО-ДПМНЕ не сака и не е да биде дел од циркузот на Арсовска, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Препукувањата меѓу Арсовска и претседателот на Советот, кои траат веќе неколку недели, ескалираа денеска откако на денешната седница тој го зеде микрофонот од говорницата и го стави под неговата маса, зошто службите не му го вратија копчето со кое може да го исклучи микрофонот на градоначалничката и советниците доколку не се придржуваат на дневниот ред и Деловникот за работата.

Славески го повика Инспекторатот за локална самоуправа да интервенира во Град Скопје заради попречување на работата на Советот и одземање на ингеренциите на претседателот на Советот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.