Од платформата за македонска архитектура „МАРХ“, упатија реакција по повод асфалтирањето на пешачките патеки околу малиот лавиринт во првиот дел од паркот, за кое од Град Скопје велат дека е дел од тековна реконструкција на Градскиот парк.
Од МАРХ посочуваат дека зачудува неразбирањето на дизајнот на овој простор од надлежните.
„Патека од песок не е незавршен проект, туку наменски дизајн. Доколку е деградирана треба да се постави нов слој на песок. Не секоја патека во парковите треба да е асфалтирана, поплочена и погодна за ‘ролери’. Истото можете да го сретнете во секој поголем стар парк низ светот, Версајските градини, Паркот Луксембург во Париз, Централ Парк во Њујорк, потоа хортикултурното уредување на сите дворци и палати – буквално насекаде“, пишуваат од МАРХ.
Од Град Скопје известија дека екипите на ЈП Улици и патишта, изминатите денови започнале активности за реконструкција на патеките во близина на малиот лавиринт во првиот дел од паркот и дополнително уредување на зеленилото.
Градоначалничката Данела Арсовска, во своја писмена изјава посочи дека реконструкцијата на пешачките патеки ќе продолжи, а предвидено е да бидат опфатени пешачки патеки на вкупна површина од 12.500 квадратни метри во првиот дел од Градскиот парк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.