Куче паднато во шахта ги изгризало оптичките кабли на „Македонски Телеком“ поради што без интернет останале дел од ПЗУ „Филип Втори“ и цела Поликлиника „Букурешт“ во Скопје. Но, по јавувањето на 112 во ЦУК, околу осум часот, специфичната невообичаена ситуација дополнително се усложнила поради тоа што вработените од „Телеком“ не можеле безбедно да пристапат за решавање на дефектот во шахтата.
Вработените од „Телеком“, по пријава дека нема интернет во тој реон, откако го лоцирале и пронашле проблемот за прекин на оптичкиот интернет, не се осмелувале да слезат во шахтата каде што било и кучето и околу 15 часот се јавиле на Единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Дежурните од Секторот Е-112 и секторот СОК во ЦУК, бидејќи бил неработен ден не можеле да стапат во контакт со ЈП „Лајка“ од Скопје, по што, и покрај предвидените оперативни процедури, го премостиле проблемот. Тие ги поврзале активистите на Граѓанска иницијатива „Кане Корсо“ со вработените од „Телеком“ за понатамошна заедничка постапка.
Кога успешно и безбедно завршило вадењето на кучето од шахтата, вработените од „Телеком“ се симнале и безбедно почнале да работат на отстранување на дефектот.
Не се знаело колку време кучето било паднато во шахтата, тоа било безбедно извадено и згрижено од активистите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.