„Зелен хуман град“ иницираше процес „Нов ГУП за зелено и хумано Скопје“, во кој се вклучија експерти од институциите, академијата, претприемништвото и граѓанскиот сектор, соопштија од граѓанската иницијатива, додавајќи дека на 17 и 18 јануари, во текот на дводневна работилница насловена „Нов ГУП: Планска програма за зелено и хумано Скопје“ во која можеше да се учествува и физички и онлајн, беа споделени најдобри практики за одржливо планирање на еден град.
Експерти од Бугарија, Љубо Георгиев и Калојан Карамитов, пред присутните на работилницата презентираа како ја создале Визијата за Софија – стратешки документ за одржлив и паметен развој на градот. Тие споделија кои податоци се користени за оценка на состојбата / функционалноста на градот и неговите делови, како се дефинирани мерките и индикаторите за следење на успехот во постигнувањето на визијата. Воедно, ја потенцираа важноста од собирање прецизни податоци со чијашто анализа се утврдува што недостига за квалитетен и здрав живот во населбите. За добивање точни информации неопходно е да се вклучат сите засегнати страни и самите граѓани. Така, во планирањето ќе учествуваат не само урбанистите, туку сите оние што ги користат просторот, објектите, инфраструктурата, зеленилото и другите елементи на градот во кој живееме и работиме, велат од „Зелен хуман град“.
Aктивистите додаваат дека претставникот на Градот Скопје информирал дека изработката на ГУП 2022-2032 за Скопје е започната, а првата фаза на планската програма е завршена на Архитектонскиот факултет, но не е никаде објавена. Велат целта со иницирањето транспарентно планирање е да се прекине со работа зад затворени врати, да се прекине со трошење пари на граѓаните за изработка на студии и истражувања изработени далеку од очите на јавноста.
Агенцијата за планирање на просторот, која има потпишано договор со Градот Скопје да го изработи ГУП, не ја прифати поканата за учество на работилницата, што го сметаме за одраз на недопустлива затвореност. „Зелен хуман град“ силно се спротивставува на нетранспарентно планирање на Скопје! Затоа започнуваме со изработка на „пасош“ на Скопје со кој на многу едноставен начин визуелно ќе прикажеме кои делови од Скопје се квалитетно урбанизирани, а кои не се. Во кои делови има консолидирани соседства каде што се обезбедени сите неопходни пратечки јавни содржини (градинка, училиште, амбуланта, детско игралиште, спортски терен, парк за миленици, објекти од областа на културата, урбани градини, биокомпостара, пазар, итн.), а каде воопшто не е инвестирано и кои наши сограѓани живеат, учат, работат во супстандардни услови. Во процесот на создавање пасош за Скопје ги вклучуваме граѓаните кои ќе учествуваат во собирањето податоци и во креирањето на визијата за нашиот град преку алатката МојГрад. Посветено ќе работиме и ќе инсистираме со новиот ГУП да се направи „договор за користење на просторот“ со сите скопјани. Само заедно може да ја спречиме урбанистичката мафија во незаситното градење и загрозувањето на нашето право на сонце, чист воздух, зелени јавни простори и пристапна и достапна инфраструктура за сите нас, велат од „Зелен хуман град“.
Настанот беше реализиран во рамките на проектот „Protecting Civic Space – Regional Civil Society Development Hub“ финансиран од Sida и имплементиран од BCSDN.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.