„Анима мунди“ испрати информација до медиумите во која се вели дека бараат итен инспекциски надзор во JП „Лајка“ и констатирање на фактичка состојба колку кучиња се убиени и зошто, дали одлуки за убивање носела претходната директорка и кога имало можност за вдомување на куче, дали е лажирана провала во стационарот, со цел да исчезнат документи од работењето на „Лајка“, проверка и на безбедносните камери, како и ревизија на сите продуцирани документи од работата во време на мандатот на таа директорка.

„Во ноември минатата година доставивме барање за информации од јавен карактер каде наш интерес се еутаназираните животни за време на мандатот на сега разрешената директорка на Тина Петрушевска. Барањето го доставивме поради индиции и наши сомнежи во точноста на податоците објавени во годишните извештаи за работа – прикажани 15 еутаназирани кучиња, додека во јавноста се јавуваа примери за убиени мирни маалски миленици и самоволието на директорка лично да одлучува дали некое куче ќе биде убиено- потенцираме, дури и во случаи кога за него постои вдомувач кој би го земал на сопствена одговорност“, соопштуваат од „Анима мунди““.

Во соопштението се наведува дека тој период коинцидира со пријава за провала во стационарот, кога во ноември минатата година поранешната директорка пријавила провала во стационарот.

„Прашуваме, кој има интерес да провалува и што би крадел во стационар за кучиња? Прашуваме, дали пријава на провала пред нејзино разрешување е обид за прикажување на кражба на документација? Бараме надлежните да ја проверат информацијата според која во ЈП ‘Лајка’ се исчезнати класери со документи во однос на животните и финансиското работење. Ги упатуваме на проверка на сите сигурносни камери и обезбедувањето на Лајка“, пишува во соопштението на Анима мунди и се нагласува дека нема да се отстапи од барање одговорност за секое куче.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.