Општина Центар утре, сабота (19.3.2022), во 10:00 часот наутро ја организира втората по ред голема акција за чистење на сите осум основни училишта во општината. Градоначалникот на општината, Горан Герасимовски, заедно со хигиеничарите и општинската администрација, лично ќе учествува во чистењето на училиштето и ги повика учениците, наставниците, родителите, екологистите, невладините организации и сите оние кои сакаат, да се приклучат на акцијата.
Здравата животна средина и чистата околина се придобивки за сите нас. Првата акција за чистење на училишните дворови помина одлично. Се надевам дека оваа втора акција ќе биде уште поуспешна. Ова е можност за сите граѓани да го дадат својот придонес кон заедницата и заедно, на нашите деца да им обезбедиме чисти и уредни училишни дворови. Ги повикувам сите граѓани кои имаат желба утре, заедно со нас да дојдат и да помогнат во реализацијата на оваа акција, изјави Герасимовски.
Герасимовски додаде дека овие акции, освен што ќе ги исчистат дворовите, имаат за цел и да ја подигнат свеста на граѓаните за одржувањето на чистата и здрава животна средина.
Акцијата ќе се спроведе утре, сабота во 10:00 часот, во дворовите на сите 8 основни училишта во општината.
Покрај чистењето на дворовите, Герасимовски најави и дека ќе се засадат 200 нови темјанушки, а ќе се бојадисуваат и старите и излитени огради на училиштата, онаму каде што ќе има потреба од тоа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.