Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и Михаела Ѓорчева, основач на единствениот македонски синџир кина, „Киноверзум“, денес потпишаа договор преку кој и официјално се става во употреба киното во возобновениот Дом на културата „Билјана Беличанец“.

Во киносалата, опремена со најнова технологија, секојдневно ќе се проектираат најнови филмски достигнувања и љубителите на филмската уметност од сите генераци ќе може заеднички да оживеат ново поглавје во културниот живот на општина Кисела Вода.

„Денес, ставаме потпис на еден значаен документ, на договор кој е круна на целата наша досегашна работа во Домот на културата ‘Билјана Беличанец’. Од денес Кисела Вода повторно има кино,каде што нашите жители ќе може да ги следат најновите филмски достигнувања и светските филмски хитови. Во изминатиот период интензивно работевме на темелна обнова на овој објект, кој е изграден во 1959 година и ги живеел своите најдобри денови се до 90-тите години на минатиот век кога негрижата го довела до непрепознатливост. Целосно руиниран, веќе не можел ни да се користи. Со средства од Министерството за култура и Општина Кисела Вода во 2015 година објектот беше обновен, но повторно поради неодржување, мораше да се санира. Со потпишувањето на договорот со ‘Киноверзум’, општина Кисела Вода станува дел од единствениот македонски синцир кина, а Домот на културата ‘Билјана Беличанец’ почнува ново културно поглавје во своето постоење. За да гледаат филм, некоја премиера, светско достигнување во филмската кинематографија, жителите на општина Кисела Вода повеќе не мора да одат во друг дел на градот. Културата сега е достапна во близина на нивните домови“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

„Отворањето на нашата четврта киносала во Кисела Вода за нас претставува уште еден чекор кон реализацијата на нашата мисија за промовирање на културата и филмската уметност во целата земја. Речиси 5 години посветено работиме за развојот на културниот живот во локалните заедници, што може да го потврди нашата публика во Свети Николе, Штип и Велес. Верувам дека ‘Киноверзум’ ќе придонесе кон збогатувањето на културната понуда во Кисела Вода нудејќи му на локалното население пристап до најновите филмови од светската филмска сцена во современ и удобен амбиент. Со секоја нова локација се трудиме да внесеме уникатност и креативност во нашата работа креирајќи филмска програма, која ќе ги инспирира и едуцира гледачите, но истовремено и ќе ги забавува. Ова е значаен момент за нас како тим и нè приближува кон нашата цел да бидеме мост помеѓу светската филмска индустрија и љубителите на филмот“, изјави Михаела Ѓорчева, основач на „Киноверзум“.

„Киноверзум“ е основан во 2019 година како единствено универзитетско кино во земјата и е дел од Меѓународниот славјански универзитет во Свети Николе. Досега има речиси 400 прикажани филма и околу 5.000 реализирани проекции потврдувајќи ја својата мисија за инспиративни промени во културниот живот на регионите во кои работи. Месецов ќе има 8 нови филма, кои ќе бидат достапни и за публиката во „Киноверзум“ во Кисела Вода. Првата проекција во Домот на културата „Билјана Беличанец“ се очекува кон средината на месецот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.