Градинката „Кокиче“ во Кисела Вода е подготвена за прием на нови дечиња, известуваат од Општината.
Оттаму нагласуваат дека во целост се завршени повеќемесечните градежни активности на Општина Кисела Вода кои опфатиле проширување, односно преадаптација на градинката со што се овозможило зголемување на капацитетот на објект за нови 90 дечиња.
Последниве денови се работеше и на опремување со мебел кој е обезбеден преку договор со Министерството за труд и социјална политика. Градоначалникот Ѓорѓиевски ја посети оваа градинка и упати апел до сите родители да аплицираат за упис, исвестуваат од Општината.
Градоначалникот Ѓорѓиевски, потенцираше дека во оваа градинка треба да аплицираат и родителите од урбаната заедница Расадник, со цел привремено намалување на бројноста на групите во тамошниот објект, се додека не биде изграден и таму нов објект кој е во подготвителна фаза.
Ѓорѓиевски потсети дека сега веќе на располагање во „Кокиче“ стојат и јасли, но и на тоа дека во дворот на овој објект ќе се гради сосема нов, дополнителен објект.
Се работи за простор на површина од 525 квадратни метри, со шест занимални и тоалети, енергетска ефикасност, целосно партерно уредување, изведба согласно сите стандарди, правилници и нормативи кои условуваат и овозможуваат позитивен ран детски развој, вели Ѓорѓиевски.
Како што истакна, тој и Општина Кисела Вода веќе изготвиле проект и обезбедиле финансиски средства за доградба, со кој ќе се отворат околу 300 нови места во градинките низ населбата и наследените листи за чекање од минатото на кои имаше над 450 деца ќе ги нема.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.