Советникот Филип Јаневски, на денешната шеста седница на Советот на Град Скопје, од говорницата изнесе остри критики за работењето на мнозинството во градскиот совет во претходниот состав.

– Сакам да се осврнам на вашето фалење, како сте се грижеле за животната средина, колку паркови биле направени, колку садници биле засадени. Тоа го видовме и на претходните седници кога дискутиравме за извршување на Буџетот – Дигитализација на парк-шума Водно – 0 денари реализирани, изработка на план за управување со заштитен предел Водно – 0 денари, заштита на локалитет Кањон Матка, изработка на план – 0 денари, рековте сте засадиле 11.000 садници за заштита од ерозија, Изработка на техничка документација за определување ерозивни подрачја и подрачја загрозени од ерозија за скопски регион со специфицирање на мерки за заштита – реализација 0 денари. Не знам на што сте горди и како се грижите за животната средина кога таму каде што најмногу сте требале да обрнете внимание не сте обрнале внимание – категоричен беше Јаневски.

Тој се осврна и на Извештајот за реализација на капиталните инвестиции во Град Скопје.

– Цела година вашите капитални инвестиции ги собира на половина страна, 13 на број. Едната од нив е набавка на садници и подигнување на јавното зеленило на магистрални улици и паркови за што се потрошени три милиони евра. Ова не се случило, нигде нема резултати од вашиве инвестиции. Ја спомнавте и Универзална сала, која била почната од вас, патем, три години ја почнувате. Од минатата година за реконструкција на Универзална сала сте успеале да потрошите 42 милиони денари како капитална инвестиција во Град Скопје и уште не е завршена. Бидете убедени дека ние ќе ја завршиме побезбедна и подобра од тоа што вие било кога би можеле да ја направите. Јас не знам со кој образ излегувате овде и кажувате што сте постигнале, а ние не сме сакале да слушаме. Да, ние не сакаме да слушаме затоа што ги видовме резултатите од вашето работење, односно неработење. Дел од овие 13 големи капитални проекти се Изградба, реконструкција и одржување на партерно уредување на кеј на реката Вардар, за што се потрошени фантастични 107 милиони денари; набавка на урбана опрема; фазна реализација на булевар АСНОМ – 262 милиони денари; изградба и реконструкција на булевар Босна и Херцеговина – 179 милиони денари. Значи, само за овие две улици вие имате потрошено над 400 милиони денари. Овде сте заборавиле да напоменете, сте требале да побарате од службите да се стави во овој извештај, дека имате најмногу изедени бифтеци по глава на советник во било кој од претходните мандати. За тоа има пари, а не сте успеале да ја завршите Универзална сала која што ви беше толку важна, потенцираше Јаневски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.