Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски утрово беше на увид во просториите на градинката „Мајски цвет“, клон „Јасмин“, во населбата Тафталиџе 2, каде што во текот на викендот паднал плафон од гипс картон во две простории, а во уште една е оштетен.

Ја утврдуваме причината, најверојатно се работи за технички проблем. Веројатно олуците не биле исчистени поради што дошло до нивно запушување. Имајќи предвид дека станува збор за скриен покрив, водата прелила преку олукот врз изолацијата која натежнала на плафонот од просторијата кој е изработен од гипс картон, изјави градоначалникот Јакимовски по извршениот увид.

При увидот, истовремено забележани се и некои технички пропусти при градбата на објектот, додаваат од Општината.

Од тие причини, Јакимовски побара да се проверат проектите, понудата и завршните ситуации по што ќе бидат објавени дополнителни информации во врска со случајот.

Градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2 доби целосно нов објект во декември 2018 година, со што стариот објект од монтажен карактер се замени со нов, од цврста градба.

Како што споделија тогаш тогашниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоев и тогашната министерка за труд и социјала Мила Царовска, објектот е енергетски ефикасен, со можност за сместување на 95 деца и со него капацитетот за сместување на деца се зголеми за дополнителни 150 m2.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.