Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски ги демантираше дезинформациите за ДУП-от во Влае 2 лиферувани преку социјалните мрежи во врска со наводни планови за градби на локацијата покрај Вардар, каде што сега се наоѓаат спортските игралишта.

Јакимовски, преку обраќање во живо на неговата официјална Фејсбук страница, обвини дека зад маската „Борба за Влае“ стојат две советнички од Советот на Општина Карпош кои во изминатите месеци шират дезинформации во Општина Карпош.

Дезинформацијата е во врска со новиот урбанистички план кој што е подготвуван во време на мојот претходник од страна на урбанистички куќи, а за кој што регулациски план е подготвен од Град Скопје. На сегашната локација на која се спортските терени нема да се гради бидејќи тој дел од општина Карпош е Д3- за спорт и рекреација и не се дозволува никаква градба.

 

Граѓаните да бидат потполно спокојни, бидејќи во делот на спортските терени во Влае 2 ниту една лопата со бетон нема да биде ставена. Новите згради П+2, додава, сите се издвоени со посебна водоводна мрежа, за останатиот дел од Влае да има поголема количина на вода, и решавање на сите инфраструктурни проблеми во тој дел од Влае чинеше околу 900.000 евра, рече тој.

Јакимовски исто така објасни дека на територијата на Влае 2, планерите од Град Скопје вцртале градинка сметајќи дека во ова населено место нема доволно простор за детски градинки споредено со бројот на жители. Сепак, тој соопшти дека урбанистичкиот план е изложен во месната заедница во Влае 2 каде што граѓаните имаат можност да го видат и да дадат свои забелешки кои подоцна ќе бидат разгледани од комисијата и од планерските куќи. Нагласи и дека сака што е можно побрзо да се донесе урбанистичкиот план затоа што до сега многу граѓани, вели претрпеле големи финансиски штети поради неможноста да градат.

До вчера тон железо чинеше 850 евра, од денеска чини 1200 евра, а пред осум месеци цената му беше 420 евра. Можете да замислите, сите оние што сакаат да доградат или надградат и што сите овие години чекаат на дозвола од општина Карпош дека ќе им требаат три пати повеќе пари за она што можеле да го направат пред три години со тогашните цени. Јас сум длабоко убеден дека ние бевме избрани за да им помогнеме на граѓаните во решавањето на нивните проблеми, вклучувајќи ги и нивните станбени потреби, а не да им создаваме проблеми, вели Јакимовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.