Приватните превозници, кои беа дел од јавниот автобуски превоз во Скопје, од 6 часот изутрината блокираат три крстосници во главниот град. Автобусите на приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ повторно се поставени на неколку крстосници, а возачите почнаа со протести и велат дека блокадите нема да ги тргнат се до исполнување на нивните барања. Утрово посебен режим на сообраќај е воспоставен на булеварот „Илинден“ во делот околу просториите на Град Скопје, на крстосницата кај Црвен Крст, како и кај ТЦ „Мавровка“.

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека денес поради најавено одржување на протест, со почеток во 6 часот, полициски службеници од СВР Скопје ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот.

Посебниот режим на сообраќај ќе биде воспоставен на бул. „Илинден“ – од крстосницата на бул. „Илинден“ со бул. „Св. Климент Охридски“, до крстосницата од бул.„8 Септември“ и бул. „Илинден“ – крстосницата од ул. „11 Октомври“ и бул.„ Кочо Рацин“ (Црвен крст) и крстосницата од бул. „Гоце Делчев“ и бул. „Крсте Мисирков“ (Судска палата).

Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот.

Директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, вчера, најави можна радикализација на протестот на приватните превозници се до решавање на проблемот и исплата на долгот од страна на ЈСП „Скопје“.

Како можна опција, Јовановски го посочи штрајкот со глад, но како што рече, останува на превозниците да одлучат во која насока би се движела евентуалната радикализација на протестите.

Јовановски порача дека протестите изминатите денови не вродиле со плод и затоа е донесена одлука за блокада на повеќе крстосници во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.